СДСМ: Со негласање за ништо советниците на ВМРО-ДПМНЕ го заглавија Скопје
Советникот на Град Скопје, Горан Шутаров, порача денес дека за три години откако Данела Арсовска е градоначалничка на Скопје, функција на која дојде со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, советниците на оваа партија заглавиле бројни значајни проекти со негласањето „за НИШТО“ и со блокадите и меѓусебните опструкции прават огромна штета на граѓаните.
„Во овие нецели три години локална власт на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ нашите ставови сме ги кажувале јасно,гласно,недвосмислено, транспарентно и секогаш сме имале аргументи и став зошто определени одлуки во Советот на Град Скопје сме ги поддржале, а исто така и зошто за определени одлуки не сме дале наша поддршка.Советот на Градот Скопје го сочинуваат 45 членови избрани на фер,демократски и непосредни локални избори во 2021 година, претставени во 8 советнички групи, кои на изборите застапувале свои програми, идеи и проекти. Несериозни се изјавите на градоначалничката Данела Арсовска дека е блокирана од страна на сите 45 советници.Арсовска не може советниците на СДСМ и останатите советнички групи да ги става во исти кош со советниците на ДПМНЕ со кои заедно во 2021 година ја промовираа програмата “За Модерно Скопје, брзо и сигурно”. Ниту модерно ниту брзо а најмногу од се нај несигурно.
За жал, сведоци сме дека продолжува препукувањето на релација ДПМНЕ и Арсовска. Меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за тоа кој е виновен за колапсот во Градот Скопје. Наместо да земат да работат, оние кои го уништија Скопје меѓусебно се препукуваат врз грбот на скопјани кој бил крив.Ова неодговорно однесување е потценување на интелигенцијата на граѓаните, на скопјани.
Затоа СДСМ како опозиција во Советот на Град Скопје ќе продолжи да делува конструктивно и секогаш ќе ги поддржува проектите кои се во интерес на скопјани. СДСМ нема да блокира и нема да прави дневна политика од тоа затоа што за СДСМ скопјани се на прво место. Заглавени се бројни значајни проекти, Скопје уназадува. Негласањето за НИШТО и блокадите на советниците на ДПМНЕ, и меѓусебните опструкции прават огромна штета на граѓаните на Скопје. Упатуваме искрен и добронамерен апел, ДПМНЕ и Асровска да ги прекинат препукувањата и да земат да работат, колку-толку, за конечно нешто во Скопје да се направи.
Наместо дневно препукување да кажат кои капитални проекти ќе ги поддржат, кои програми ќе се изгласаат и во овој краток период кој им преостанува до локалните избори барем малку ја поправат состојбата во Скопје. Недозволиво е Скопје и скопјани да бидат жртви на нивните политички хирови и бизнис интереси“, порача Шутаров.