СДСМ: Силјановска доживеа дебакл во Софија
Македонската делегација на чело со Гордана Силјановска-Давкова, вчера во Софија доживеа дипломатски дебакл, а државата досега невидено понижување и срам на меѓународна политичка сцена, изјави на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Гордата Гордана и придружните министри во Софија беа пречекани како претставници на некои локални бугарски клубови или општински институции, а не како меѓународни високи претставници на држава членка на НАТО и важен партнер на Бугарија. Гордата Гордана се согласила на средба без да се истакне македонското знаме, избра да праќа соопштенија до јавноста без користење на државното уставно, се согласила на средба без заеднички изјави за медиумите. Ова е огромен срам“, изјави Кузеска.
Како што рече, Силјновска оттаму се враќа без никаква конкретна порака или договор.
„Прашањето е зошто ја плаќаат граѓаните Гордана, за да гледа опери и ужива? Малку ли и беа три месеци на одмор во Охрид летово во вилата? Ја прашуваме Гордата Гордана и нејзиниот шеф Мицкоски, која држава ја претставуваа во Бугарија и со кои симболи? Каде се изгуби државното име и во него Македонија – за чие меѓународно признавање се бореа генерации? Каде се изгуби ветената и неостварена гордост? Дали сликањето до бугарското знаме значи дека ја претставува Бугарија?“, рече Кузеска.
Според СДСМ, Владата на Мицкоски и Силјановска се понижени и нив воопшто и не ги третираат како државници.
Медиумите инаку објавија дека наспроти Силјановска која се самопоканила во Софија, што го потврди самиот Радев, екс претседателот Стево Пендаровски дури десетпати одбил посета.
„Никогаш не сум одбил средба со друг претседател кој ја посетил Бугарија без разлика за каков повод“, рече влера во изјавата бугарскиот претседател Румен Радев околу средбата со македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова. исто така во изјава за медиумите тој потврди и дека Пендаровски не сакал да дојде во Софија кога го канел поради заладените односи.
„Во изминативе години 10 пати го поканив Пендаровски да ја посети Бугарија“, ќе каже Радев во Пловдив во април 2023 година.