СДСМ се потсмева: Колената на Мицкоски се добри за Водно, но им треба бизнис класа во авион
Артритис ли е, менискус ли е, или задоволство од важноста и луксузот.
Одговорот на премиерот Христијан Мицкоски зошто патувал за бизнис класа од Виена до Вашингтон беше од една страна смешен, а од друга потценувачки за јавноста. Имал проблеми со колената затоа што бил висок и морало да има поголем простор меѓу авионските седишта.
СДСМ по интервјуто на Мицкоски на Телма праша дали и другите тројца министри што патуваа со него во САД (Муцунски, Мисајловски и Тошковски) исто така имаат проблеми со колената. А освен Тошковски другите двајца немаат ни посебна висина.
„Со смеа и неверување јавноста и граѓаните ги слушнаа ‘оправдувањата’ на Мицкоски дека причина биле проблеми со колената.
Дали сите тројца министри во Владата на Мицкоски кои беа во Вашингтон на државна сметка имаат исти проблеми со колената па мораат да патуваат со бизнис класа?
А кога се сликаше на Водно како се качува Мицкоски имаше ли проблем со колената?
Мицкоски лаже и си игра мајтап со тие што го плаќаат, граѓаните.
Скапи авионски летови и бизнис класи од 20.000 евра, часовници од 60.000 евра, имоти на поклон од 300.000 евра додека вели дека нема пари за поголеми плати за работниците“, рекоа од СДСМ.
Другите тројца министри засега молчат за нивното патување со бизнис класа и од што било тоа мотивирани.