СДСМ речиси протеран од Скопје
Во Првата изборна единица СДСМ и коалицијата освоија само три мандати. Некаде разликата е драматично голема, како 5,5:1 во Гази Баба
Промената започна со локалните избори во 2021, беше навестена со првиот круг на претседателските избори, а запечатена на парламентарните избори на 8 мај. Грубо кажано СДСМ е речиси протеран од Скопје, затоа што поддршката за него е драматично намалена, а опасно му се приближува Левица, која во главниот град освои две петини од вкупниот број гласови на државно ниво.
Скопје е поделено меѓу две изборни единици – „Единицата“ и „Двојката“. Во деветте општини – Карпош, Чаир, Центар, Аеродром, Кисела Вода, Гази баба, Шуто Оризари, Ѓорче Петров и Бутел – коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои огромни 116.821 гласови, додека коалицијата на СДСМ многу скромни 33.533.
СДСМ никаде не е блиску до ВМРО-ДПМНЕ: во неговиот бастион Центар тој доби 6.372 гласови, додека опозицијата 12.179. Некаде разликата е 5,5 спрема еден. Во Гази Баба ВМРО-ДПМНЕ доби 21.156, а СДСМ 3.740 гласови. Огромна е разликата и во Аеродром (19.823 наспорти 5.467) и во Кисела Вода (20.789 спрема 4.815).
Во урбаните општини Левица е многу блиску до СДСМ, а во Кисела Вода е дури и пред него – 4.875 наспроти 4.815 гласови. Левица, исто така, е силна во Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров.
Овој слаб резултат му донесе и едвај три пратенички места на СДСМ и коалицијата во Првата изборна единица а само две во Втората. Во ИЕ1 влегоа само Димитар Ковачевски, Моника Зајкова (претседателка на ЛДП) и Даниела Николова. Но немаше место за Бојан Маричиќ, Милена Стеванович, Маја Морачанин (ДОМ). На изборите во 2020 СДСМ имаше 8, а во 2016 дури 10.
Во „Двојката“, СДСМ успеа да добие само две пратенички места – Оливер Спасовски и Фатмир Битиќи – но немаше доволно гласови за многу активната пратеничка Санела Шкриељ, како и за Мартин Костовски.
СДСМ сега е трета партија по застапеност во парламентот, доколку ДУИ не влезе во владата таа нема да биде ни главна парламентарна опозициска партија, иако има 16.000 гласови повеќе од „Европскиот фронт“. Но според пратениците се со еден помалку – 19 на 18.
За СДСМ може да биде дополнителен проблем што од 18-те пратеници тројца се од коалициските партии. Веќе споменатата Моника Зајкова и Горан Мисовски и Соња Мираковска од НСДП. Мисовски (претседател на НСДП) беше трет во „Тројката“, а Мираковска четврта во „Четворката“. На генералниот секретар на ЛДП, Боби Мојсоски, пратеничкото место во „Петката“ му лизна во последните пребројувања. Тој беше четврти на листата, а најпосле коалицијата на СДСМ доби само три мандати.
Најдобриот резултат СДСМ го имаше во Четвртата изборна единица, каде освои пет мандати, а носител на листата беше Венко Филипче. Според гласови, тоа изнесува 41.962 за СДСМ и 96.536 за ВМРО-ДПМНЕ. Таму ЗНАМ и Левица освоија по еден мандат. Но е многу лош во „Тројката“ – само четири пратеници наспроти 14 за ВМРО-ДПМНЕ. А носител на листата беше вториот човек на партијата – Сања Лукаревска.
Генерално, оние што успеаја да добијат мандати во идното собрание се личности кои досега беа на врвни владини или други државни функции. Најнепознати од нив се Борче Цветков и Митко Трајчулески. Трајчулески е организациски секретар на СДСМ, но е малку познат во јавноста.
СДСМ успеа да победи само во една општина во државата, Кривогаштани во прилепско (32:30). Интересно е дека ги загуби убедливо и оние општини каде имаат успешни градоначалници – Валандово, Делчево, Крива Паланка, Берово. Раководството на партијата треба да испита и открие што е она што драматично се промени во партијата и како не успеаја ниту успесите (кои не беа мали) да ги претстават на вистински начин во јавноста. (Н.В.)