СДСМ призна: Направивме превид со именувањата во МЕПСО
СДСМ се корегираше и призна дека направила превид во однос на кадровските решенија во МЕПСО.
-Во морето на информации кои пристигнуваат до СДСМ за погрешната кадровска политика на ВМРО-ДПМНЕ, пристигната е и нецелосна информација која не беше целосно проверена, со што е направена ненамерна грешка со имињата за членови на управниот одбор односно надзорниот одбор на МЕПСО. СДСМ како одговорна и принципиелна партија упатува јавно извинување до споменатите имиња кои не се дел од новите кадровски решенија во МЕПСО но и до целата јавност”, соопштија од СДСМ.
Претходно Иван Иванов, кој е син на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов побара извинување од СДСМ.
„Во врска со изнесените невистини од страна на кујната за ширење лажни вести на СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија би сакал да посочам на неколку факти.Најпрвин, не сум назначен за член во одборот на МЕПСО, ниту пак во кој било друг одбор, на која било друга институција. Станува збор за сосема друга личност со исто име и презиме.
Второ, на госпоѓата Кузеска би сакал да и посочам дека покрај тоа што сум дипломиран политолог како што таа посочи на пресот, истовремено сум и доцент и универзитетски професор по политички науки, па би ја поканил на некое од моите предавања, со што можеби би ги подобрила нејзините политички вештини, па можеби во иднина нема да прави вакви аматерски грешки.Трето, барам извинување од СДСМ на идентичен начин, на прес конференција, онака како што ја изнесоа и лажната вест.Во спротивно следува тужба, се закани Иванов.
Наедно, Анастасија Илиеска е поранешен државен секретар во МВР и поранешна директорка на УЈП. Исто така е дел од партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е назначена за член на Управниот одбор на енергетската компанија за финансии и менаџмент, а не сопругата на Бобан Илиевски бетмен, како што објави СДСМ.