СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си прават дилови, балансерот надграден место да биде укинат
Само ден откако група пратеници на ДУИ поднесоа предлог за основање на Комисија на Собранието за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, на вчерашната седница пратениците од владејачкото мнозинство експресно ја усвоија оваа иницијатива што пак предизвика остри реакции кај опозицијата и сомневања дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ соработуваат и се договараат, а меѓусебните напади се само замајување на јавноста.
СДСМ преку соопштение предупреди дека постојат дилови меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската ДУИ кои се прават зад грбот на граѓаните и оваа коалиција, според нив, функционира.
-Истата таа ВМРО-ДПМНЕ која ветуваше укинување на балансерот, со реализација на договорот со ДУИ го издгигна на повиско ниво, на ниво на Собранието. Сега имаме надграден и проширен балансер за чија примена ќе биде надлежно Собранието. Насабајле Мицкоски вели дека ДУИ ќе ја дестабилизира државата, а попладне во Собрание неговите пратеници гласаат заеднички одлуки со ДУИ. Да не станаа сочучесници во планот за дестабилизација – прашува СДСМ.
И опозициската Левица реагираше и потсети дека овој договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ „паднал“ кога се гласаше реорганизација на Влада и се формираа плус нови министерства.
– Знаете што е најјакото. Тоа што ДУИ не се ни присутни во Собрание. Само еден пратеник имаа во сала кога се гласаше комисијата на ДУИ – потенцираа од Левица.
Левица се залага за итно и целосно укинување на алатката балансер, како „нужен чекор за запирање нa погубниот процес на партизацијата на јавната администраја и подобрување на ефикасноста и компетентноста на државниот апарат.
Вчера пратеникот од АА, Зијадин Села, од говорницата на „Академијата за легитимитет“ организирана од ДУИ, му порача на премиерот Христијан Мицкоски да не си игра со балансерот и со правичната етничка застапеност која е една од најголемите придобивки од Охридскиот договор.
-Наша обврска на Европскиот фронт, на активистите, на граѓаните кои размислуваат рационално да се лансира мирот во Република Северна Македонија, сите сегменти од Охридскиот рамковен договор кои не се регулирани со закон досега и отсега натаму да се регулираат со закон во однос на правичната застапеност и да не се игра со балансерот по теркот на Стоилковиќ и премиерот и да им служат на сите други освен на граѓаните од кои го добија гласот, на начин еднаш за секогаш легитимноста да биде гарантирана со почитување на тоа за што се потпишуваат договорите, а тоа се граѓаните, етничките заедници и ова е иднината на РСМ – порача Села.
Пред две години тогашното Министерството за информатичко општество и администрација раководено од ДУИ наложи во администрацијата да се вработат 31,5 отсто Албанци земајќи ги резултатите од пописот со вклучено нерезидентно население.Владејачкото мнозинство веќе ја коригираше дигиталната алатка балансер па бројките ги врати на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година и најави укинување на алатката во фази со цел во администрацијата во иднина да почнат да се вработуваат стручни, образовани и квалитетни кадри без разлика на националната припадност.
Премиерот Мицкоски на вчерашната свечена седница на Владата по повод годишнината од Рамковниот договор, беше дециден дека договорот е дел од македонските закони и Устав, а она што не е завршено и на што мора да се работи се „реалните проблеми на нашите сограѓани“.
– Јавноста не треба да паѓа во замката на нови и нови бесконечни етнички барања на партиите кои сега се опозиција. Тие ја имаа својата шанса и времето го потрошија на лично богатење, и наместо да бидат посветени на борбата да победуваат за подобар живот на граѓаните, посилно образование, економија, повеќе пари за граѓаните, тие одлучија да градат за себе дворци, хациенди, да купуваат трговски центри, да злоупотребуваат сѐ што може да се злоупотреби – им порача Мицкоски на опозиционерите од Европскиот фронт.
Иницијативата за формирање на Собраниската комисија за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници ја потпишаа пратениците од ДУИ и Алијанса за Албанците Блерим Беџети, Арбана Пашоли, Илире Даути, Илир Демири, Илир Хасани, Исмаил Јахоски и Муса Џафери. Комисијата може да дава препораки, мислења, како и заклучоци кои треба да се применат од органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа во однос на состојбата за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.Оваа комисија која се состои од претседател и 12 члена и нивни заменици до Собранието ќе поднесува два полугодишни извештаи за соодветната и правична застапеност и сите етнички заедници во органите на државната власт и во другите јавни институции на сите нивоа, како и за реализација на акционите планови на Владата во областа на правичната застапеност при вработувањето.