СДСМ прашува: Колку чинеше забавата на ВМРО-ДПМНЕ во Филхармонија?
СДСМ им се закани на општините раководебни од ВМРО-ДПМНЕ дека ако продолжат да трошат пари на политички настани како вчерашниот отчет за сто дека, место да ги трошат на реалните потреби на граѓаните, ќе останат глуви на нивните барања за помош околу енергетската криза.
-ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски постојано се жалат дека нема пари, се жалат и нивните градоначалници дека општините немале пари. Колку пари чинеше вчерашната пропадната партиска забава на ВМРО-ДПМНЕ? Со кои пари беше финансирана? Додека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ постојано бараат средства, нивната партија се луксузира со прослави и отчети за 100 дена, снима спотови и организира настани каде промовира неработење и партизација на општините. Општините кои ги раководи ВМРО-ДПМНЕ мораат да ја ревидираат својата улога во енергетска криза, мора целосно да ги намалат непродуктивните трошоци и да се однесуваат одговорно кон парите на граѓаните. Во спротивно да престанат да се жалат, Владата не е должна да ги поддржува институциите кои вака се однесуваат, порачаа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија дека настанот чинел многу помалку од парите шшто ги „ украдоа Зоран и Вице Заев и луѓето околу нив кои се сега во владата“.
-Настанот на ВМРО-ДПМНЕ чинеше милион пати помалку од сите матни тендери во РЕК Битола и рекети, за кои имаше кривични пријави за Вице од кои исчезна неговото име. Прославата на ВМРО-ДПМНЕ чинеше многу помалку од туцето пари кое Ден Дончев го ставаше во торба, а нема одговорност. Настанот чинеше неколку пати помалку од парите кои Драги Рашковски ги собра за мекици. Настанот на ВМРО-ДПМНЕ чини и многу помалку од парите од местените тендери за бандери по општини од нивните поранешни градоначалници, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ без да одговорат практично дали е рационално во вакво време да се трошат вака општински пари.
Според нив, СДСМ се нервозни затоа што градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ наводно имаат реализирано 1.090 проекти за 100 дена – 166 капитални објекти, 33 градинки, 68 училишта, 206 улици и патишта- и затоа што градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ работат.