СДСМ прашува дали премиерот „спие мирно“ по акцијата на САД во Венецуела
Двете водечки политички партии во Македонија почнаа политичка пресметка околу интервенцијата на САД во Венецуела докажувајќи кој е поблизок до режимот на Николас Мадуро.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека СДСМ јасно застанал на страната на, како што наведуваат, соборениот венецуелски диктатор посочувајќи дека ниту 48 часа по акцијата на Соединетите Американски Држави нема јасен став за неговото апсење.Споре д ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот молк ја вбројува СДСМ меѓу ретките политички субјекти кои, како што тврдат, индиректно поддржуваат режими поврзани со шверц и трговија со дрога, како и авторитарни облици на владеење. Од партијата наведуваат дека јавноста не слушнала став ниту од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за кого тврдат дека во моментот престојува на зимски одмор во скијачкиот центар Гармиш-Партенкирхен, заедно со поранешниот премиер Зоран Заев.
Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека Филипче треба јавно да објасни како неговата партија, според нив, се довела во позиција да молчи за апсење на диктатор и да се најде во друштво на поддржувачи на режими обвинувани за криминал и трговија со дрога. Дополнително, од партијата тврдат дека СДСМ, под влијание на странски политички и комуникациски советници, се позиционирал меѓу политичките субјекти кои имаат благонаклонет однос кон Мадуро.ВМРО-ДПМНЕ оценува дека постојат две можни објаснувања за ваквиот став, односно за неговото отсуство: или СДСМ, како што наведуваат, се откажал од курсот на стратешко партнерство со Соединети Американски Држави, или, пак, причината е далеку поедноставна и се сведува на тоа дека раководството на партијата е фокусирано на приватни активности и одмор, наместо на, како што велат, јасна и принципиелна надворешнополитичка позиција.
Од СДСМ возвратија дека најблиските политички сојузници и пријатели на премиерот Христијан Мицкоски во Европа – биле токму оние што отворено го поддржувале венецуелскиот лидер Николас Мадуро, против кого Соединетите Американски Држави презедоа конкретни дејствија поврзани со, како што наведуваат, криминални активности.
Од СДСМ реагираат дека Мицкоски испраќа контрадикторни пораки во врска со американската интервенција во Венецуела, посочувајќи дека од една страна изјавува оти Владата ја поддржува акцијата на САД, а од друга страна тврди дека таа била спротивна на меѓународното право. Според опозициската партија, ваквите изјави покажуваат дека премиерот истовремено ја поддржува и ја негира акцијата, што, како што велат, е јасен пример за недоследност во надворешната политика.
СДСМ наведува дека пред интервенцијата на САД, единствените европски политички лидери и држави кои отворено граделе односи и соработка со Мадуро биле унгарскиот премиер Виктор Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ, кои воедно се опишани како најблиски сојузници на Мицкоски. Во соопштението се потсетува дека Вучиќ пред неколку месеци јавно најавувал продлабочување на соработката со Мадуро, додека Орбан, според СДСМ, со години бил еден од неговите најгласни поддржувачи во Европа.
Партијата повторно ја истакнува поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со српската владејачка партија СНС, наведувајќи дека освен сличните политики и, како што тврдат, „копи-пејст“ сценарија, биле откриени и конкретни бизнис-релации преку случајот со Алта банка. Дополнително, СДСМ потсетува дека Мицкоски во неодамнешно интервју јавно зборувал за својот „близок пријател“ Орбан, политичар кого Европска Унија го критикува и го поврзува со сериозни обвинувања за корупција.
„Заедничко за сите овие десничарски политичари е тоа што околу нив постојано се отвораат тешки теми за криминал, корупција и подривање на демократските институции“, наведуваат од СДСМ, посочувајќи дека во Соединети Американски Држави е усвоен и Законот за Западен Балкан, потпишан од Доналд Трамп, со јасен фокус на борбата против криминалот и корупцијата во регионот.
Во завршницата од соопштението, СДСМ наведува дека по сите овие факти и по судбината на најблиските политички пријатели на Мицкоски, логично се наметнува прашањето дали премиерот „спие мирно“, алудирајќи на можните последици од ваквите политички поврзаности.