СДСМ: Повторно сме втори во Европа – овојпат  по ѓубре

Според ВМРО-ДПМНЕ „предавничкиот тандем“ Заев-Филипче единствено што може е да шири лажни вести за водата во Скопје


СДСМ се потсмева со „успесите“ на актуелната влада, како последниот – ранг листата на највалкани градови во Европа на која Скопје е на второ место. 
 
-Покрај тоа што сме „трета економија во Европа“, покрај тоа што сме „први по туризам“,
покрај тоа што сме „лидери во авиосообраќајот“ и покрај тоа што  аеродромот е „најбрзорастечки“, и покрај тоа што платите најбрзо ни „растеле“…Повторно сме втори на европската – црна листа. Овојпат по ѓубре.
 
Заслугата му припаѓа на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Човекот кој ја испитува водата од воздух, со дрон. Кој не може ниту навреме за комарци да испрска. Човекот кој прави AI билборди со коњ на пет нозе, вијадукт од Босна и храм од Србија. Сега може да се пофали и со оваа титула – еден од највалканите градови во Европа.
 
Туку ајде да зборуваме за убави теми, како што сака Мицкоски. 
 
Економија? Минимална плата околу 26.000 денари. Просечна околу 49.000 денари. Потрошувачка кошничка околу 70.000. На млад човек без стан му требаат околу 90.000 денари месечно само за да преживее. Економијата е во “одлична” кондиција! 
 
Туризам? Хрватска – над 18 милиони странски туристи. Албанија – над 11 милиони. Црна Гора – 2–3 милиони. Србија – околу 2,4 милиони. Македонија – околу 1 милион.
 
Авиосообраќај? Луфтханза си замина. ЛОТ си замина. Изиџет ја укинува линијата за Париз.
 
Е тоа е реалноста зад слоганите за „трета економија“ и „лидери““, порачуваат од СДСМ. 

 

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со омилената тема – дека Венко Филипче од луксузната јахта на својот ментор Зоран Заев координира напади и дава инструкции на партиските послушници од СДСМ да шират дезинформации на социјалните мрежи за наводно загадена вода во Скопје.

„Додека СДС крие и се срами да каже дека нивниот лидер и чуварот на фотелјата на Заев на Бихачка се на заеднички одмор на јахтата на Заев на Егејот каде се луксузираат со украдените народни пари, нивните партиски послушници по насока на Филипче креираат паника и хаос за водата во Скопје. Венко Филипче од 6 ти август со својот мотор заминал преку граничниот премин Богородица по инструкции од Заев и од јахтата на Заев координира напади и ширење дезинформации за водата во Скопје.

Во недостаток на визија и идеи за државата, предавничкиот тандем Заев-Филипче единствено што можат е да шират лажни вести за водата, да нарачуваат штрајк на струмичките земјоделци и одгледувачи на пиперки додека во исто време манипулираат со ниските откупни цени преку фирмата на Заев „Мамас“.

Додека Филипче од јахтата на Заев на Егејот ужива и дава инструкции за напади и ширење дезинформации во Скопје на површина излезе целиот талог на СДС. Филипче и СДС да не си поигруваат со здравјето и безбедноста на граѓаните, водата во Скопје е квалитетна и безбедна за пиење. Водата не смее да биде инструмент на безидејната СДС и очајниот Филипче да соберат политички поен плус“, вратија од ВМРО-ДПМНЕ.