СДСМ подготвува 10.000 амандмани за Изборниот законик
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, објави дека пратеничката група на неговата партија подготвува 10.000 амандмани за да ги блокира донесувањето на измените во Изборниот законик. Тој објави на Фејсбук како пратениците ги подготвуваат амандманите. Изборниот законик е еден од петте закони за кои Деловникот дозволува филибастеринг во Собранието.
Во исто време додека сдсмовците ги подготвуваат амандманите Собранието со 59 гласа „за“, три гласа „против“ и без воздржани го изгласа носењето по скратена на Предлогот-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кој е дел од реформската агенда.
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, ги задолжи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, како матично работно тело и Законодавно правната комисија да заседаваат по предлог законот.
Предлогот до Собранието е доставен од група пратеници. Тука заеднички се најдоа ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Влен. На предлогот се потпишани Антонио Милошоски, Зеќирија Таири, Даниел Стојчевски, Блерим Беџети и Иванка Василевска. Со измените, меѓу другото, се предвидува електронско гласање на дијаспората, а има промени и во делот на државното финансирање на партиите.
„Во рамките на овие дискусии се согласивме околу 28 препораки на ОДИХР, коишто беа консензуално прифатени. Во работната група во Министерството за правда за ниту една тема немаше надгласување и секогаш се одеше со консензус. Ќе имаме можност тие работи да ги дискутираме и за време на собраниската и за време на комисиската седница“, изјави Милошоски, образложувајќи го предлогот.
Во однос на изборниот модел, Милошоски, укажа дека најголем број од политичките партии биле за една изборна единица, но две биле за осум и за три, но бидејќи не се постигнал консензус, се остана на сегашното решение со шест изборни единици.
По однос на гласањето од дијаспората, Милошоски појасни, дека е постигнат консензус да биде овозможено согласно праксата во Франција и Естонија и да има електронско, безбедносно и заштитено гласање.
Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, реагираше на начинот на кој се носи Изборен законик, обвинувајќи дека јавноста е доведена во заблуда со тврдењата дека за текстот бил постигнат широк политички консензус.
„Не е точно дека сте имале каков било консензус од партијата Левица за овој документ. Сето тоа се лаги. Ние сме доведени да прифатиме којзнае што, само за да фрлите неколку ситни трошки и потоа да тврдите дека има согласност. Исправањето на неуставните решенија не е услуга кон Левица, туку ваша обврска“, изјави Крмов.
Пред гласањето на дневниот ред, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, побара точката да биде симната од дневен ред, посочувајќи дека и пред да побара пауза укажал на тоа дека ова законско решение секогаш досега се носи со консензус.
„Точно е дека СДСМ започна да работи во работната група којашто беше за подготовка на Изборниот законик, но мора да потсетиме дека ја напуштивме во моментот кога одлучивте како парламентарно мнозинство да го измените Законот за влада, кој исто така, е донесен со консензус. На самата работна група на почеток укажавме дека носењето на Изборниот законик треба исклучиво да биде со консензус помеѓу политичките субјкети“, појасни Спасовски.