СДСМ: Паѓа животниот стандард


Владата на Христијан Мицкоски ги запре политиките на СДСМ за постојано покачување на платите и го доведе животниот стандард на граѓаните до точка на преживување, истакна денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

„Додека платите стагнираат, цените вртоглаво растат, животниот стандард на граѓаните опаѓа постојано. Просечната плата во Македонија денеска изнесува само околу 35% од европската просечна плата, односно една третина“, изјави Кузеска.

Таа додаде дека од друга страна пак, цените во Македонија се високи, и достигнуваат на 60% од европскиот просек на цени.

„Тоа значи дека граѓаните во маркет, на пазар, во продавница, плаќаат речиси европски цени, а мора да живеат со трипати пониски плати“, рече Кузеска.

Таа се осврна и на синдикалната потрошувачка кошничка која во август достигна 65.507 денари, посочувајќи дека двајца вработени со минимална плата во едно семејство немаат доволно пари да ги покријат основните месечни трошоци.

„Минималната плата во Македонија е меѓу најниските во Европа и во регионот. Во БиХ минималната плата е 511 евра, во Србија 500 евра, во Црна Гора од 600 до 800 евра“, рече Кузеска, оценувајќи дека погрешните економски политики на оваа влада ги заковаа платите и животниот стандард на дното во Европа.