СДСМ: ОЈО веднаш да отвори предмет за гувернерот Славески
СДСМ бара од Основното јавно обвинителство (ОЈО) да отвори предмет и да го испита непостапувањето на Трајко Славески во законски императивниот рок за избор на вицегувернери во Народната банка. Станува збор за сериозни индиции за прекршување на законот и свесно блокирање на институционалниот процес од страна на гувернерот Славески, се вели во соопштението од СДСМ.
„Според Законот за Народната банка, вицегувернерите ги именува Собранието исклучиво на предлог на гувернерот. Со недоставување предлог, гувернерот директно ја блокира законската постапка и спречува Собранието да ја изврши својата уставна надлежност.
Член 55 јасно утврдува дека испразнето место мора да се пополни најдоцна во рок од два месеца по истекот на мандатот. Овој рок е обврзувачки и императивен а не препорачлив. Непочитувањето значи директна повреда на законот и злоупотреба на службената позиција
Во конкретниот случај, мандатите на вицегувернерите се истечени уште во октомври 2025 година, а законскиот рок истекол во декември 2025. И покрај тоа, тие продолжуваат да учествуваат во носење одлуки, што го доведува во прашање легитимитетот на целиот состав и на донесените акти.
Дополнително, иако веќе биле во нелегален мандат, Трајко Славески им исплатувал плати и најверојатно заедно носеле нелегитимни одредени одлуки со што ја довеле Македонија во правна и финансиска несигурност.
СДСМ укажува дека постои основано сомнение за незаконито непостапување на гувернерот, институцијата функционира во спорен состав и одлуките донесени во такви услови можат да бидат правно оспорени. Дополнително, постои и сериозен ризик од фаворизирање и нееднаков третман, бидејќи актуелен вицегувернер со истечен мандат е кандидат на истиот оглас. Ова е директно спротивно на начелата на законитост, правна сигурност и добро управување, утврдени во Законот за Народната банка“, стои во соопштението
СДСМ бара ОЈО да утврди дали гувернерот со непостапување ја прекршил законската обврска, дали е овозможено незаконско продолжување на мандати и дали одлуките на органите на НБМ се донесувани во незаконит состав.
„Институциите не смеат да функционираат по волја на поединци. Законот мора да важи за сите, особено за оние што управуваат со најважните финансиски институции во државата“, порачуваат од партијата.