СДСМ обвини за постоење партиско-полициска држава во режија на Тошковски
СДСМ објави, како што го нарекоа, школски пример за партиско-полициска држава и злоупотреба на функцијата за политичка заштита на партиски назначен началник од страна на министерот за внатрешни работи Панче Тошкопвски.
„Во овој случај, граѓаните ќе чујат како Тошковски врши притисок и казнува невини и чесни луѓе, вработени во МВР. Oткако јавноста разбра за целиот скандал поврзан со сватовите на Гаши и нивното пропуштање низ граница без контрола, денес го обзнануваме пеколот кој им следувал на вработени на границата kaj Блаце. Панче Тошковски и неговиот омилен началник Наим Рамука, сакаат да им се накалеми наводна одговорност на вработените на Блаце за тие двајцата да останат чисти. Според информациите кои СДСМ ги доби од свиркачи, откако Тошковски не успеа да го скрие скандалот од јавноста и сфати дека мора да се бара одговорност од некого, тој и Наим Рамука дошле до идеа да ги набедат луѓето кои си работеле на смена на границата Блаце. Бидејќи СДСМ ја обзнани целата шема и директната наредба која ја дал Наим Рамука, јасно е дека овие луѓе немаат никаква одговорност.
Според нашите информации, командирот на граничниот премин Блаце, добил директно барање од Наим Рамука дека треба на шест вработени да им бидат изречени писмени опомени. Со ова, планот бил тие да поминеле без парични казни и да си ја преземеле одговорноста. Рамука го информирал командирот дека ова мора да се заврши затоа што целата работа наводно била договорена меѓу Изет Меџити и Панче Тошковски, на високо политичко ниво. Вака Тошковски и Рамука сакале да се забошоти целата работа. Но, командирот на граничниот премин Блаце, чие име нема да го откриеме, одбил да изрече таква казна, сметајќи дека тоа е нечесно кон вработените. Тој јасно кажал дека нема одговорност кај вработените и побарал случајот да го реши Внатрешната контрола на МВР.
Според нашите информации, во моментов случајот е во Внатрешна контрола која мака мачи како да го оправда и очигледно се обидуваат да направат манипулација и да обвинат некој друг. Ова е МВР под водство на Тошковски почитувани граѓани. Ова е добро познатото ВМРО-МВРО и методите од времето на Гордана Јанкуловска“, обвинија од СДСМ.
Затоа, партијата бара итно, јавно и транспрентно да се објават наодите на внатрешна контрола. СДСМ бара итно да се лоцира одговорноста кај оној кој дал командата
„Точно знаеме кој, како и за што треба да одговара и ова веќе го објавивме во јавноста. Доколку Тошковски се обиде кој било вработен во МВР да го искористи како жртвено јагне, остро ќе реагираме. Понатаму, бараме уште еднаш обвинителството да се изјани по случајот. Зошто ОЈО молчи? Бараме итно да бидат конечно разрешени Рамука и Тошковски, овие скандали веќе немаат крај. За крај прашуваме, има ли грам човечност во Тошковски? За одговорност знаеме дека нема. Има ли малку доблест да го разреши Наим Рамука и тој да се повлече наместо да мести невини луѓе да одговараат? Дали вака ВМРО-ДПМНЕ ја замислува одговорноста за која беседи Мицкоски? Ова ли е таа департизација која треба да се направи од неговата смешна платформа? Срамно и жално, но пред се опасно е ова што се прави. Ако вака се местат уште сега луѓе да одговараат за да си ги покријат скандалите, тогаш каде ни е крајот“, порачаа од СДСМ.