СДСМ тврди дека во Охрид има широка мрежа на непотизам од градоначалникот Пецаков

Многу нивоа на непотизам и кронизам има во општината Охрид откако градоначалник стана кадарот на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, обвини денеска СДСМ. Партијата преку портпаролаката Богданка Кузеска објави цела шема на наводни вработувања во регионот на роднини и пријатели на Пецаков.
„Ова е шемата на непотизмот на Пецаков и ДПМНЕ во Охрид – кумот на градоначалникот Пецаков, Сашо Донев, е претседател на општинскиот комитет на ДПМНЕ во Охрид. Сестрата на неговата сопруга Билјана е вработена во општинскиот центар ‘Свети Наум Охридски‘. Александар Китевски, близок со Пецаков, моментално е секретар во општина Охрид. Неговата сопруга Елена Китеска е вработена во основното училиште ‘Кочо Рацин‘. И нејзината сестра е вработена во институција под надлежност на општина Охрид ЈП ‘Охридски комуналец’. Роднина на Китески, Ристе е правен застапник на истото претпријатие и претседател на ГРХ ‘Охрид’. Кумашинката на Китески, Ана Србиновска, е вработена во општината, а кумашинот Андоновски е директорт на ЈП ‘Билјанини извори’“, рече Кузеска.
Според неа, долга била листата на непотизмот на Кирил Пецаков во Охрид.
„Директор на ЈП ‘Охридски комуналец’ Сашо Најдовски е пријател на Пецаков. Кумашинката Оливера работи во истото претпријатие. Баџанакот Душко Шајноски е на раководна позиција во ова претпријатие. Илија Арнаудоски е поранешен претседател на месниот комитет на ДПМНЕ во Велгошти и вработен во Капетанијата. Неговата сопруга Ангела е вработена во општина Охрид. Секретар на општинскиот комитет на ДПМНЕ е Коста Арнаудов. Негова сопруга е вработена во ЈП ‘Водовод‘. Раководителот за Урбанизам ја унапреди сопругата во раководител на празната служба во општината Охрид. Вујкото на Пецаков е вработен на ЈП ‘Нискоградба‘ Охрид“, тврди Кузеска.
Таа заклучи: „Ништо не е променето во ДПМНЕ, видовме и во Скопје, непотизмот, партиските и фамилијарни вработувања на грбот на граѓаните се нивна одлика. Глас за ДПМНЕ е глас за враќање назад, кој значи вдомување партиски кадри, роднини и пријатели на избраните функционери на оваа партија“.
На оваа прес-конференција реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
„На седница со која раководеше Ковачевски е доделено државно земјиште за фотоволтаици на неговата сопруга по цена од едно евро за метар квадратен. Неговиот кум Паунов преку фирмата ‘Пиксел груп‘ добивал државна помош. Добро би било да одговорат како ВМРО-ДПМНЕ фатило врски за вработување во една од посечените во училиштето ‘Кочо Рацин‘ во општина Центар, кое е под надлежност на Горан Герасимовски од СДС. Дали СДС знае што зборува или можеби станува збор за некаков внатрешен судир и пресметка?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.