СДСМ објави дека баџанакот на Мицкоски имал фирма во Бугарија
Опозициската СДСМ тврди дека има шема на фирми што се во сопственост на најблиското семејство на премиерот Христијан Мицкоски и тие ќе ги објавуваат податоците за нив наредните денови. СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски „ширеле лаги за претседателот Венко Филипче“,за да ги покријат фамилијарните бизниси на Мицкоски во Бугарија и Македонија.
„Во Петрич, Бугарија, на улица ‘Антон Попов’ број 57 е регистрирана фирмата ДАНО ТРАНС ЕООД, на баџанакот на Мицкоски – Јорданчо Јанев, од Струмица. Јанев, кој важи за еден од најблиските соработници на Мицкоски, меѓу другото и фамилијарно поврзан, вртел пари преку оваа фирма. До 3 милиони бугарски лева биле свртени од оваа фирма во Бугарија во 2018 година, односно околу 1,5 милиони евра.
Во бизнисот не е само баџанакот на Мицкоски. На оваа иста адреса има уште една фирма, ‘Инфинити транспорт група’. Раководител и сопственик е Дончо Карастоев, прв братучед на баџанакот на Мицкоски.
Го прашуваме денеска Христијан Мицкоски. Има ли фирми со исти или слични имиња и во Македонија? Дали овие фирми и овие лица се финансиери на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ?
Колку милиони евра свретеле и каде завршиле дел од тие пари? Дали кај членови на семејството на Мицкоски или и во ВМРО-ДПМНЕ?
Доколку Мицкоски не одговори, СДСМ ќе ги објави сите информации за тоа кој навистина врти милиони“, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.