СДСМ не му дава алиби на Мицкоски за предвремени избори. Нема да ги побара


Фото: Б. Грданоски

 

Опозициската СДСМ нема да го „предизвика“ премиерот Христијан Мицкоски за тој заедно со владиното мнозинство да распише предвремени избори. Ваков став денеска преку соопштение објави СДСМ. Дали некој друг од опозицијата (на пример ДУИ или Левица) ќе го „предзвикаат“ Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ засега не е јасно. Или тоа можеби да го направи некој од помалите владини партнери.

„Мицкоски порача дека нема план за предвремени избори, но дека е подготвен доколку опозицијата го предизвика. 

Оваа реченица е копи-пејст од неговиот ментор и шеф на сестринската партија од Србија, Александар Вучиќ.

Тоа го контастира и Европскиот парламент во Извештајот во којшто забележува, со загриженост, сè посилни врски со Владата на Србија, која ‘спроведува нелиберална агенда’. 

Реалноста е дека Мицкоски сè работи по ист модел – де факто и де јуре. Исти наратив, исти фрази, иста стратегија.

Прво ги навреди сите граѓани кои се за Европска унија, нарекувајќи ги „талог на општеството“, ‘коленичари’, ‘медиокритети’ и ‘мекотели’“, велат од СДСМ.

Потоа го објаснуваат ставот дека нема да побараат од Мицкоски предвремени избори.

„Ние нема да му бидеме алиби на Мицкоски за предвремени избори. Од нас тоа нема да го добие. Ќе видиме кој од таканаречената опозиција, од сателитите на ВМРО, ќе биде искористен за да го повика на предвремени избори. 

Сценариото постои, глумците со бугарски пасоши ги знаеме, а режисерот ‘патриот’ со скапи часовници ни е премногу добро познат.

Мицкоски сака предвемени избори затоа што нема резултати а снемува и пари.  Сака избори затоа што сака да го преживее политичкиот колапс што сам го предизвика“, велат од опозициската партија.