СДСМ: Мицкоски ја претвора Развојната банка во филијала на своите бизниси
Опозициската СДСМ денеска на прес конференција го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека со најновите кадровски промени, ја претвора Развојната банка во филијала на своите бизниси.
„Ефимија Димовска, сопруга на бизнис-партнертот на Мицкоски во хидроцентралите, е назначена за прв човек на Развојната банка. Нејзиниот сопруг, Димитар Димовски е долгогодишен бизнис-партнер на Христијан Мицкоски во хидроцентралите, преку компанијата „Енерготек“ ДОО Скопје“, изјави денес на прес-конференција Јон Фрчкоски. член на Извршниот одбор на партијата.
Како што посочи, Димовски „освен по заедничките бизиси со хидроцентрали е познат и по криминални скандали, по предметот „Топлик“ каде доби две години условна казна затвор, обвинет во предметот „Шпански скали“.
„Мицкоски го стави до него, во Владата, како секретар за јавни политики. Сега неговата сопруга Ефимија ја става во Развојна банка, очогледно да ги контролира државните пари“, рече Фрчкоски, додавајќи дека Димовска е сопственик на „Херба Натура“ и дел од управувачката структура на енергетскиот субјект „ХН Соларис“.
„Сега партнерите на Мицкоски добиваат „директен линк“ за своите семејни фирмии во Развојната банка“, рече Фрчкоски, додавајќи дека СДСМ бара итно повлекување на Ефимија и соодветна реакција на ДКСК и останите институции.