И СДСМ и ВМРО-ДОПМНЕ се огласија околу смрта на младата Фросина Кулакова барајќи максимална, т.е. најстрога казна. Притоа, СДСМ најави дека денес ќе протестира со граѓаните на „Партизанска“, а ВМРО-ДПМНЕ превентивно предупреди настанот да не се политизира. Никој не предлага мерки како да престане дивеењето на улица.
-СДСМ изразува длабоко жалење и сочуство кон семејството на трагично загинатата Фросина. Овој шокантен настан уште еднаш ја покажува сериозноста на проблемот со безбедноста на улиците и потребата за итно и решително дејствување од страна на институциите.
СДСМ бара максимална казна за сторителот во брза и транспарентна постапка. Го поддржуваме револтот на граѓаните и нивните барања за правда и поголема безбедност. Во знак на солидарност Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) ќе се приклучи на протестот. Протестите се легитимно право на народот да изрази незадоволство и барање за одговорност од оние што не си ја извршиле својата должност.Владата и Министерството за внатрешни работи мора итно да преземат конкретни мерки за подобрување на безбедноста на улиците. Не смееме да дозволиме нови трагедии поради институционална небрежност.
Ги повикуваме сите надлежни органи да дејствуваат дејствуваат без одложување и да обезбедат правда за жртвата и нејзиното семејство. Време е за одговорност, порачаа од СДСМ.
Во ист тон е и соопштението на ВМРО-ДПМНЕЕ, со една разлика – дека во нивни раце се механизмите за зголемување на безбедноста во сообраќајот и треба да работат а не да кажуваат што треба, практично насочувајќи ја вината кон судството.
-Изразуваме најдлабока жалост за трагичната сообраќајна несреќа на булеварот Партизански одреди, поради која животот го загуби младата Фросина Кулакова. Воедно, бараме најостра санкција за возачот од страна на Јавното обвинителство и судот. Наместо декларативни казни, потребни се суштински мерки кои ќе делуваат превентивно за секој што ќе се осмели да управува моторно возило без возачка дозвола, во алкохолизирана состојба или при намалена свесност.Казната во овој случај и сличните мора да биде најстрога, за да се испрати јасна порака дека никој не смее да си игра со законот.Секоја личност носи одговорност за своите постапки.
Овој случај ќе го има вниманието на јавноста и на ВМРО-ДПМНЕ и апелираме до институциите да работат според закон.Истовремено, ги повикуваме сите граѓани да останат обединети во оваа трагична ситуација. Нашата заедничка цел треба да биде обезбедување на безбедни улици и почитување на законите.Апелираме до сите политички субјекти и јавни личности да се воздржат од користење на оваа трагедија за сопствени интереси и да се фокусираат на поддршка на семејството на починатата, како и на иницијативи што ќе придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.