СДСМ ќе поднесе кривична пријава за Бојан Христовски
Доколку МВР и министерот Панче Тошковски продолжат да молчат за сертификатот на првиот човек на АНБ, Бојан Христовски, СДСМ ќе поднесе кривична пријава, најавија денес од опозицијата која веќе две недели притиска за истрага околу квалификациите на дикеторот на најважната разузнувачка агенција во земјава.
„МВР и Панче Тошковски молчат за скандалот со сертификатот на назначениот партиски директор на Агенцијата за национална безбедност со што директно се ставаат во негова заштита. Очигледно МВР и Тошковски имаат селективен пристап и двојни стандарди кога функционерите на власта се во прашање.Како поинаку може да се толкува тоа што МВР во април оваа година поднела кривична пријава против 44 годишна жителка на Велес поради „употреба на исправа со невистинита содржина“ односно TOEFL сертификат за познавање англиски јазик од Пловдив Бугарија, а молчи и не презема ништо за директорот на АНБ, Бојан Христовски, кој исто така има сертификат за TOEFL од истото место, Пловдив Бугарија, иако во Пловдив воопшто нема испитен центар за TOEFL?
МВР и Тошковски по овој пример од Велес треба да поднесат кривична пријава против Бојан Христовски за кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, согласно член 380 од Кривичниот законик.
Доколку тоа не го направат Тошковски и МВР, СДСМ ќе поднесе кривична пријава против Христовски“, најавија од СДСМ.
Премиерот Христојан Мицкоски вчера порача дека Владата ќе го чека наодот на Државната комисија за справување со корупцијата (ДКСК) пред да преземе одлука околу сертификатот на Христоски. На ДКСК чека и Јавното обвинителство иако двете постапки не се условени една со друга и се независни, уште повеќе што нема потреба никој да ги повикува за истрага околу квалификациите на новименуваниот директор на сензитивна и важна функција во државата.