СДСМ ќе има свој претседателски кандидат, остава на ДУИ да одлучи дали ќе го поддржи

Секоја партија има право да одлучи дали ќе има кандидат за претседател, изјави Димитар Ковачевски. Тој побара поддршка од прогресивните сили


 

СДСМ го направи својот чекор во однос на кандидатот за претседател за државата, иако не го соопштува неговото име.

Претседателот на партијата, Димитар Ковачевски денеска изјави дека претседателскиот кандидат ќе се знае на крајот на февруари или на почетокот на март. Тој ќе биде подддржан од коалициските партнери на партијата. А дали ќе биде поддржан и од ДУИ најмногу зависи од интегративците.

Нашиот кандидат сега и во минатото, и нашите влади покажале дека со нас има европска Македонија, Македонија во полноправно членство во НАТО, со другите нема, изјави денеска во Скопје претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски.

„Колку претседателски кандидати ќе има во државата тоа зависи од политичките партии. Нема да се мешам во тоа дали некоја политичка партија ќе кандидира претедателски кандидат или нема да кандидира, дали некој поединец ќе се кандидира. Ние сме демократско општество и секој кандидат, секоја политичка партија има право да кандидира за секоја функција. Она што знам е дека нашиот претседателски кандидат ќе биде поддржан од политички партии коишто беа со нас во коалиција, кои се со нас во коалиција и коишто ќе бидат на идните избори со нас во коалиција, со коишто веќе отпочнуваме разговори во однос на конкретното настапување на изборите“, рече Ковачевски по учеството на панел дискусија со студенти на тема „На студентско столче: Перспективи за политики, напредок и промена“.

На новинарско прашање тој истакна дека ДУИ има опција или да го поддржи претседателскиот кандидат којшто СДСМ ќе го предложи или да определи свој кандидат за претседател. Таа одлука, според него, треба да ја донесе ДУИ.

„СДСМ ќе има претседателски кандидат и ги повикуваме сите прогресивни политички партии, поединци невладини органзиции, организации да го поддржат тој кандидат и да ни се приклучат во таа коалција. Нашиот кандидат и сега и во минатото, и нашите влади покажале дека со нас има европска Македонија, има Македонија во полноправно членство во НАТО. Со другите нема, бидејќи се покажало 11 години, и четири пред тоа, ниту има ЕУ, ниту има НАТО, Тие коишто сакаат ќе ни се приклучат, тие коишто сметаат дека треба да настапуват со свои кандидати така и нека направат. Ние сме декомратско општество. Никогаш не било ниту кажано, ниту пак разговарано дека нешто мора да се случи“, рече Ковачевски.

Тој кажа дека со Али Ахмети во последните денови се немале видено, но најави дека тие двајцата ќе одржат средба во блиска иднина.

„Ние имавме состаноци во нашата партија со изборниот штаб, со комисиите, итн, бидејќи работиме на финализирање на Програмата за изборите, и на дефинирање на деталите во однос на изборниот настап, како во партијата, така и со коалициските партнери. Сигурно дека јас и Ахмети ќе се сретнеме во блиска иднина. Меѓутоа, сепак партиите се тие коишто одлучуваат, исто како што СДСМ одлучува, сите други партии исто така одлучуват“, рече Ковачевски.

За можноста Ахмети да биде претседателски кандидат, Ковачевски рече одговор да побараат во ДУИ .