СДСМ ќе го блокира во собраниска комисија заемот добиен во „четири очи“ од Унгарија

Целта е јавноста да не види што се крие зад ова задолжување. ВМРО-ДПМНЕ го скрати правото на дебата, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче


Венко Филише за време на прес-конференцијата во Собранието

 

Одлуката да се носи Законот за задолжувањето на Македонија по скратена постапка е без преседан, порача денес лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, најавувајќи дека СДСМ ќе го блокира во Комисијата за финансирање и буџет на Собранието што ја предводи опозицијата. На прес-конференцијата одржана во Собранието, заедно со пратеничката група, тој рече дека во предлогот, со кој државата за прв пат ќе се задолжи директно кај друга држава, а тоа е Унгарија, нема јасни критериуми за распределба на позајмените пари, нема јасно утврден систем за контрола на трошењето парите, има точки во кои се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени.

Токму поради ова Филипче вели дека нема да биде ставен на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието со која раководи нивната пратеничка Сања Лукаревска.

„Целта е јавноста да биде лишена од можноста детално да види што се крие зад ова задолжување. ВМРО-ДПМНЕ го скрати правото на дебата и вклучување на експертската јавност во процесот на носење на самиот закон. Ова јасно упатува на заклучокот дека Владата има многу што да сокрие во овој закон. Ова потврдува дека задолжувањето е коруптивно и ја носи државата во должничко и политичко заложништво на Унгарија. Мора да е предмет на широка јавна расправа, прецизно да се утврди на секој детал за секој денар кој треба да се плаќа од граѓаните како камата. Во законот има јасно видливи членови и елементи со кои се потврдува корупцијата. Ова задолжување е договорено кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, целосно вонинституционално и во четири очи“, вели Филипче.

За премиерот Христијан Мицкоски кој уште на прославата по повод победата на неговата партија на изборите го најави задолжувањето смета дека Деловникот по кој работи Собранието е јасен и може да се стави точката на дневен ред.

„Има таму период кога треба да се стави оваа точка, а што се прави кога не се става точката на дневен ред на комисијата. Опозицијата, претпоставувам Левица ДУИ и СДСМ, ќе се обидат дури мислам дека и на недемократски начин да ја опструираат работата на комисијата. Но, нашата задача е да го зачуваме достоинството на институцијата и да обезбедиме средства за развој за компаниите и општините. Намерата на опозицијата е стравот што ако се вложат овие средства ние ќе добиеме политички бенефит“, вели Мицкоски.

Инаку власта најави дека првата половина милијарда задолжување кај Унгарија ќе биде наменета за проекти на компаниите и општините. Втората се очекува да биде земена на почетокот на следната година и најверојатно ќе биде потрошена за враќање стари долгови.