СДСМ за прославата: Премногу отворени прашања и матни зделки за да се прави истрага само за еден човек!
Од СДСМ денеска реагираат на отворањето предмет од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за можен судир на интереси кај едно лице, оценувајќи дека тоа не претставува соодветна истрага за проневерата на 5,5 милиони евра поврзана со прославата на независноста.
Оттаму велат дека евентуалниот судир на интереси кај член на Комисијата што ја одобри програмата, а потоа се најде како учесник во неа, во рамките на настапот на светски познатиот тенор Хозе Карерас, е само еден сегмент од случајот и бараат Јавното обвинителство да отвори постапка и да го следи текот на парите.
„Арамијата Мицкоски излажа дека прославата чинела ‘нула денари‘. Јавноста дозна дека биле потрошени 5,5 милиони евра. Потоа молк, се кријат документи, договори, анекси, исплати, фактури. Се крие дури и данок дали е платен. Така функционира организирана криминална група – крие за да не се откријат провизиите, матните зделки и злоупотребите. Граѓаните ја платија сметката на Мицкоски и имаат право да знаат каде завршил секој денар“,се вели во партиското соопштение.
Од партијата прашуваат каде се документите, договорите, анексите, исплатите и фактурите, како и дали бил платен данок и бараат да се утврди каде завршиле средствата и како биле носени одлуките за трошењето.
„Јавното обвинителство мора веднаш да отвори предмет, да ја обезбеди целокупната документација, да го следи текот на парите и да утврди како биле носени одлуките. Каде е одлуката на Собранието на акционери на Лотарија која мора да постои согласно закон? Кој орган го одобрил трошењето на над 300 милиони денари? На која седница била донесена одлуката, кој гласал за неа и врз основа на кој закон? Како е можно јавен повик да трае само пет работни дена и со пристигната само една понуда, а по три дена веќе да се најави настапот на Гета? Мора да се утврди колку чинел настапот на Дејвид Гета, кога и од кого бил договорен и кога бил исплатен. Колку заработиле ‘Стардаст‘, односно ‘Авалон‘, и како биле вршени исплатите додека компанијата имала блокирана сметка? Дали е платен данок воопшто? Каде завршиле приближно 1,75 милиони денари од продадените билети и дали за овие приходи бил платен данок?“,велат од СДСМ.
Од партијата бараат целосна истрага од Јавното обвинителство, вклучително и обезбедување на целокупната документација и проверка на текот на средствата.
„Ова се премногу отворени прашања, премногу матни зделки. Премногу сокриени документи. Ако сè чисто и законски, документите немаше да се кријат. Да немаше што да сокрие, арамијата Мицкоски немаше да ги лаже граѓаните дека прославата чинела ‘нула денари‘. Народот не е ниту ‘талог‘, ниту ‘идиот‘. Не можете да ги трошите парите на граѓаните, да ги лажете и потоа да ги криете одговорите“,
додаваат во соопштението.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) засега отворила предмет само за можен судир на интереси кај едно лице, како член на Комисијата што ја одобри програмата за музичките настапи за прославата, а потоа се најде како учесник во неа, во рамките на настапот на светски познатиот тенор Хозе Карерас.Имено, станува збор за композиторот и продуцент Николче Мицевски, кој се најде во двете улоги, објави „Слободен печат“, за кого предметот ДКСК го отворила по допрен глас.Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, за весникот изјавил дека Антикорупциска ги разгледува и останатите аспекти на прославата, но, оти за нив нема отворено предмет.
„Државната комисија за спречување на корупцијата од аспект на своите законски надлежности и како превентивно тело го следи случајот. Конкретен предмет немаме отворено, имаме отворено само предмет во делот на судир на интереси на едно од лицата што се спомнуваше дека бил член на Комисијата и дека учествувал како изведувач“,изјавил Чичуљ за телевизијата.
Николче Мицевски бил претседател на надворешната комисија која го извршила изборот на единствената пристигната понуда за организација на прославата на независноста од компанијата „Стардаст“.