За Али Ахмети пресудата за лидерите на ОВК е „неправедна“


Фото: Б. Грданоски

 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е резигниран од денешните пресуди на судот во Хаг за четворица високи членови на ОВК, вклучувајќи го и нејзиниот лидер, поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи.

Ахмети ја оцени денешната пресуда за Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими како неправедна и длабоко разочарувачка, повикувајќи во овие, како што ги опиша, тешки моменти на зрелост и единство. Тачи беше осуден на најдолга затворска казна – 25 години.

Ахмети порача дека не треба да се дозволи создавање тензии и поделби, ниту, како што наведе, да се оцрни борбата за ослободување на народот во Косово.

Според него, ОВК настанала како одговор на угнетувањето и се борела за слободата на Косово. Ахмети посочува дека некогашните тврдења за трговија со органи, кои со години ја оптоварувале ОВК и нејзините раководители, не станале обвиненија во овој процес.

Тој додава дека обвинението ги товарело Тачи, Красниќи, Весели и Селими за низа наводни злосторства во периодот од 1998 до 1999 година, но изразува уверување дека и овие обвиненија ќе бидат отфрлени во понатамошната судска постапка.

„Процесот не завршува тука“, порача Ахмети, додавајќи дека очекува одбраната да ја продолжи правната битка пред Апелацискиот суд, со оспорување на наодите од првостепената постапка и барање правда до крај.

„Борбата на ОВК беше борба за слобода. Историјата на Косово не може да се преработи, а жртвата на еден цел народ не може да биде ставена на обвинителна клупа. Со верба во правдата, битката продолжува во жалбената постапка“, порача Ахмети.