ВЛЕН: ОВК се бореше за слобода, пресудата е неправедна


Владејачката ВЛЕН ја оцени како неправедна и неприфатлива пресудата на Специјализираниот совет на Косово во Хаг против четворицата ексводачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Според ВЛЕН, казните што денеска им беа изречени на Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели, и Реџеп Селими – се високи и неприфатливи.

„По долг и оспоруван процес, четворицата истакнати личности на ослободителната војна и натаму се далеку од своите семејства и од Косово. Со длабоко жалење и огорченост ја примивме веста за пресудата“, велат од Влен.

Според партијата, денешната пресуда не ја довела во прашање легитимноста на Ослободителната војска на Косово, оценувајќи дека војната на ОВК била праведна борба за слобода во услови на репресија и злосторства на режимот на Слободан Милошевиќ. Оваа историска вистина, велат од ВЛЕН, не може да ја промени ниту една пресуда.

„Денешната одлука е првостепена и не го затвора ова прашање. Правната битка продолжува. Очекуваме во жалбената постапка сериозно да се разгледаат аргументите на одбраната и да се исправи оваа неправда. ОВК се бореше за слобода. Таа вистина не се препишува“, велат од Влен, поддржувајќи ги семејствата на екскомандантите на ОВК, нивните соборци и народот во Косово.

Претходно денеска и лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, ја квалификува како неправедна и длабоко разочарувачка пресудата против поранешните водачи на ОВК. Повика на воздржаност и единство во овие, како што ги нарече, тешки моменти и порача дека со верба во правдата, битката ќе продолжи со жалбената постапка.