СДСМ избира претседател: Филипче, Деспотовски и Бајдевски со различни оценки и очекувања


Фото: Б. Грданоски

СДСМ денеска на вонредни внатрепартиски избори ќе избира нов лидер на партијата. Гласањето ќе се одвива на 77 избирачки места ширум земјава, а своето право на глас ќе можат да го остварат околу 23 илјади акредитирани партиски членови. 

Во трката за нов лидер на СДСМ остануваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во МИОА Александар Бајдевски, откако поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, вчера, на еден ден пред изборите ја повлече кандидатурата.

Четворицата кандидати месецов водеа предизборна кампања, најавувајќи реформи во партијата, како и обединување на членството. 

Избирачкиот список брои вкупно 23.373 акредитирани членови на СДСМ.

Досега, на чело на партијата беа Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска, Зоран Заев и Димитар Ковачевски. 

„Процесот на гласање на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ според информациите насекаде низ државата се одвива мирно, има позитивен дух меѓу сите другари и другарки кои излегуваат на гласање, изјави кандидатот за нов лидер на партијата Венко Филипче, по гласањето на своето избирачко место во Општина Карпош. Филипче ги повика сите регистрирани членови да излезат да гласаат во што поголем број. 

„За спроведување на постапката одговорна е Централната изборна комисија која сите тие забелешки ги анализираше и не извести сите кандидати дека сите тие сомнежи се неосновани и дека целокупниот процес е легитимен,“ рече Филипче.

Венко Филипче
Фото: МИА

Деспотовски, кој исто така претендира да биде прв човек на СДСМ, потенцираше дека има информации за голем број членови на партијата на кои што им било оневозможено да гласаат. СДСМ, како што рече, е политичка партија која што во ниту еден момент не смее да си дозволи своите членови да ги враќа од избирачките места.

 

„Со мојот тим изминатите неколку денови зборувавме на оваа тема, поднесовме и официјално барање да им се овозможи на сите оние членови на партијата кои ќе се појават на избирачките места, да можат да си го реализираат своето уставно загарантирано право. Сите овие случаи се евидентираат секаде, имаме контрола на секое избирачко место низ државата во сите општински организации. Без разлика на исходот од гласањето, ќе мора во наредните неколку денови да се посветиме како политичка партија сите овие случаи да ги расчистиме,“ посочи Деспотовски.

Јован Деспотовски
Фото: МИА

И Бајдевски во својство на кандидат за претседател го искористи гласачкото право и порача дека ќе поднесе претставки поради злоупотреба на податоците.

„Јас реагирав на изјавата на другарката Славјанка Петровска, сметам дека има таму сериозни обвинувања, јас и јавно го повикав и генералниот секретар и изборната комисија да се изјаснат, досега тоа не беше случај. Се надевам дека во наредниот период нема да застане тука работата. Ние имаме органи на партијата, треба да се поднесат соодветни претставки и јас тоа ќе го сторам особено во однос на базата и злоупотребата на податоците на нашите членови“, рече Бајдевски.