СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во расправа дали да има лидерска средба или не


Фото: Б. Грданоски

 

Главната опозициска партија повикува на лидерска средба по вознемирувачките сцени околу палњето и сквернавењето на макоденоското знаме и „наелктресираната ситуација“ во општеството, а ВМРО-ДПМНЕ го одбива тоа како непотребна политичка игра.

Портпаролката на владата, Марија Митева, денеска го повика СДСМ да го официјализира барањето. Според неа, прилично е чудно што барање за лидерска средба доаѓа преку медиуми.

„Се надеваме дека знаат да испратат официјални барања за лидерски средби, нека испратат и ние ќе размислиме и ќе одлучиме“, изјави Митева.

Од СДСМ велат дека е „шокантно што Митева и владата сметаат дека безбедноста и мирот во државата не заслужуваат лидерска средба, особено во услови кога секојдневно има нови вооружени инциденти на улиците и растечки тензии со подгревање на меѓуетничките односи.

Вчера повторно се пукаше во Чаир, има и повредени, пред само еден ден запалени беа возила и дуќан во Куманово, а претохдно се пукаше среде Скопје. Над 25 инциденти со огнено оружје се случија во изминатите неколку месеци. Од друга страна, се случија сериозни инциденти со палења на македонското државно знаме, деца во униформи во училишта, повици за реваншизам и дополнителни тензии. Сериозно се подгреваат страстите, кои влијаат на влошување на меѓуетничките односи, а кои се темел на стабилноста на земјата. Затоа, неопходно е сите релевантни политички фактори да преземат одговорност за смирување на растечките тензии и обезбедување стабилност“.

ВМРО-ДПМНЕ одговори на повикот преку пратеникот Миле Лефков.  

„Нема никаква причина за лидерска за проблеми кои СДС и ДУИ си ги произведуваат сами. По тој принцип СДС секој втор ден ќе бара лидерски. Ако СДС мисли дека лидерска средба ќе го направи Филипче лидер и нив ќе ги факторизира се лаже. Нека си најдат некој друг начин да му билдаат легитимитет на Филипче“, рече Лефков на денешната прес–конференција.

Според него, ако сака СДСМ дискусии местото за тоа е парламентот.

„Лидерска средба не создава лидери. Ако имаат било каква тема за дискусија ете им го парламентот каде можат да дискутираат колку сакаат. Ако кажат нешто суштинско и паметно се разбира ние ќе прифатиме“, рече тој.