СДСМ и Левица иницираат Надзорна расправа за загадениот воздух
По многубројните повици да се преземат конкретни мерки за намалување на загадениот воздух во градовите, СДСМ и Левица покренаа иницијатива во Собранието да се расправа за загадениот воздух.
– Врз основа на барањата на граѓаните, на невладините организации и многу експерти коишто работат на зачувување на животната средина, и најважно, врз основа на поразителните резултати коишто доаѓаат за загаденоста на воздухот, покренуваме иницијатива за одржување на Надзорна расправа во Собранието. Да разговараме какви мерки и активности се преземени од страна на владата и на другите надлежни институции – рече пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција.
Смета дека ова е една од основните функции на Собранието, преку вакви деловнички и законски инструменти, да седнет сите на една маса и пред граѓаните да ги отворат сите прашања.
– Оваа иницијатива ја покренавме заедно со пратениците на Левица. Сметаме дека борбата против загадениот воздух може да ги обедини сите пратеници во македонскиот парламент. Зачувувањето на животната средина е една темелна вредност којашто е загарантирана со Уставот а е дел од корупусот социјални, економски и културни права на граѓаните а не тангира и сите нас поединечно и сите нас заедно. Токму затоа сметам дека одговорноста пред се на пратениците во овој дел е да заеднички седнеме и да разговараме за решенија. Врз основа на тие решенија што ќе ги изнајдеме да произлезат ктивности коишто ќе допринесат за зачувувањето на животната средина – додаде Спасовски.
Според него, Надзорната расправа како инструмент ќе даде одговор на многу прашања, ќе може на високо ескпертско ниво да се разговара со сите оние кои работат во областа, да ги чуеме мислењата на институциите, да ги видиме сите проблеми. Но најважно од се, да се отвори конечно една ваква дебата и да преку таа дебата побараме од извршната власт да преземе конкрени мерки и активности се со цел граѓаните да го добијат тоа што го заслужуваат а тоа е здрава животна средина и чист воздух.