СДСМ го прашува Мицкоски каде е ветената милијарда евра за намалување на загадувањето


Загадено Скопје (Фото: Б. Грданоски)

 

Загадувањето на повеќе градови во државава повторно стана жешка политичка тема, освен што е здравствена.

СДСМ го обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека им ветувал на граѓаните борба против загадувањето, а сега не прави ништо.

„Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Платформа 1198, стои дека приоритетни програмски определби на пладата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во областа на заштитата на животната средина ќе бидат: План за обезбедување на чист воздух за сите.

Кога беше во опозиција Христијан Мицкоски ветуваше над една милијарда евра инвестиции за заштита на животната средина и ветуваше намалување на загадувањето до 50 отсто.

Каде е сега милијардата којашто ја најавуваше Мицкоски за борба против загадувањето? Каде се мерките за намалување на загадувањето за 50 проценти?

Ова е уште едно разочарување уште едно неисполнето ветување на Мицкоски“, рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа потенцираше што направила нејзината партија за време на мандатот на Петре Шилегов како градоначалник на Скопје.

Во Скопје се набавија нови 33 еколошки автобуси на гас, се направија 300.000 м2 со ново зеленило и се засадија над 20.000 нови дрвја и садници. Во средните и основните училишта се поставија енергетски фасади и прочистувачи на воздух, заменети беа котлите за греење на државните згради и во училиштата. Но дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт и не се прави ништо. Ниту има мерки, ниту има борба против загадувањето.

Нема нови автобуси, нема еколошки транспорт, нема ниту нови зелени површни, паркови, засадени дрвја. Депониите не се чистат, ѓубре има на секој чекор, не гледаме ниту еден еколошки проект ниту пак мерки за намалување на загадувањето“, рече Кузеска.