СДСМ ги почна граѓанските трибини „Силно и одлучно кон иднината“ од Битола

Денеска од Битола СДСМ ја започна серијата граѓански трибини со кои сака да ги приближи до граѓаните неговите политики и визијата за понатаму. Во Битола беше целиот партиски врв, а за политиките на партијата и владата што ја предводи СДСМ зборуваше лидерот Димитар Ковачевски.
„Мојата визија е економски силна и стабилна држава, полноправна членка на ЕУ. Членство во ЕУ до 2030 година со заштитен македонски јазик и идентитет. На тоа сум посветен, на тоа работам. Да бидеме горди Македонци во ЕУ, да седиме на големата маса во Брисел рамноправни, силни и побогати од денеска. Се грижиме за граѓаните и за стандардот, но и гледаме напред, за нашите деца да можат горди и со крената глава да ја градат својата иднина дома, во земја членка на ЕУ“, истакна Ковачевски на трибината „Силно и одлучно кон иднината“.
Според неговите зборови СДСМ е консолидирана партија која „повторно е на победничките патеки. партија која успешно менаџира со политичките процеси во земјава, но и со кризата во еден мошне тежок период за целиот свет а не само на нас“. Тој нагласи дека
опозициската ВМРО ДПМНЕ се занимава со политичка дестабилизација, создавање ново парламентарно мнозинство, соборување на Владата и враќање на земјата назад.
„Тоа успеавме да го спречиме. Денеска не само што нема ново парламентарно мнозинство туку имаме зголемено парламентарно мнозинство предводено од СДСМ. Исклучително важна е победата на вонредните локални избори за СДСМ. Во двете општини каде што имаше избор за градоначалник, Маврово Ростуше и Центар Жупа победија кандидатите на СДСМ и коалицијата, а во третата општина каде што се избираа претставници на општинскиот Совет, СДСМ го задржа истиот сооднос на советници“, изјави Ковачвески.
Тој уште еднаш нагласи дека изборите ќе бидат редовни во 2024 година. „На тие избори, ќе се судрат два концепти, едниот предводен од мене, којшто е проевропски концепт, кој значи членство во ЕУ со заштитен македонски идентитет, горди граѓани со сигурна иднина и побогати. Вториот е предводен од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кој значи враќање назад во неизвесност и во изолација. Јас сум решен и одлучен и ви велам дека ќе успееме. Во 2024 година проевропската коалиција предводена од СДСМ ќе биде победничка коалиција за eвропска Македонија“, нагласи Ковачевски.