СДСМ ги наброја сите скандали на новата влада и го праша Мицкоски зошто нема одговорност
Битката со прес-конренции на двете најголеми партии продолжи и денес. ВМРО-ДПМНЕ за својата нова тема, трошењето на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојевска, а СДСМ оценуваше дека за Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ политичката одговорност била само мисловна именка.
СДСМ наведе 12 случаи на скандали на новите власти и како што изјави портпаролката Бигданка Кузеска, откако „Мицкоски и неговите сопартијци седнаа во фотелјите му завршија работа лагите и ветувањата во предизборието, а сега во владата пее нова песна“.
Опозицијата вели дека за само два месеци се случија серија скандали на владата на ВМРО-ДПМНЕ, а одоговорност нема за никого.
Според СДСМ, ова се тие скандали:
1. Се случи организирана партиско–политичка акција за пуштање на Рамадани, со дрска злоупотреба на државната граница, државни институции и државни возила. Наместо оставка од Тошковски, истрага и одговорност од секој, нема одговорност за никој. Нема за началниците на границата, за фатените во злоупотреби во овој мега скандал.
Мицкоски ревносно ги штити извршителите сите до еден. ОЈО сѐ уште молчи. Бараме одговорност и судски постапки за сите инволвирани.
2. Се случи скандал со минување на границата со Косово на сватовите на Африм Гаши со приватни возила и без никаква контрола. Нема одговорност за началникот на граничниот премин, ниту за Тошковски кој го поставил. Нема одговорност ни за претседателот на Собранието Африм Гаши, Мицкоски вели работел подобро од претходниот. Со смешни аргументи се обидува да го заштити по секоја цена, а ветуваше дека секој политичар кој ќе ја злоупотреби функцијата ќе одговара.
3. Загрозена е безбедноста на северната граница. Границата е решето, а Мицкоски го шити шерифот поставен од Тошковски, Наум Рамука, заради партиски дил со „Вреди“. Ќе има ли одговорност за Рамука или Мицкоски и Тошковски ќе дозоволат да прави што сака на границата со Косово?
4. На скопскиот аеродром се случи огромен инцидент во кој меѓу другото обезбедувњето на Гаши нападна полицаец, се закануваше со пиштол. Повторно, Мицкоски го штити Гаши, нема одговорност.
5. Безбедноста во државата е влошена. Се случија 8 убиства и обиди за убиства за само шест месеци, а само едно е расчистено целосно. Нема никаква одговорност од Тошковски. МВР е целосно нефункционална институција и безопасна за криминалците откако ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски ја раководат.
6. Изгоре 7% од вкупната територија во Македонија, над 1.500 километри квадаратни поради неспособноста на Тошковски и владините институции. Одговорност нема од никого.
7. Десет затвореници избегаа од затворот во Шутка. Неспособните Пандов и Тошковски не се разрешени. Никој не понесе одговорност.
8. Пуштени се затвореници осудени за 27 април кои наместо на лекување слободно се шетаат на партиски настани на ВМРО-ДПМНЕ и во друштво на тој што ги пушти, Пандов. Нема одговорност за никого.
9. Нема одговорност за Игор Јанушев кој си зел поклон од 325.000 евра. До каде е ДКСК со случајот?
10. Нема одговорност за Сања Божиноска која е фатена во два скандали и која се скри од јавноста мислејќи дека ќе се заборават скандалите поврзани со нејзината работа во приватниот сектор.
СДСМ вели дека „Мицкоски пропушти шанса на дело да го докаже она што го ветуваше, а тоа е одговорност за сите функционери кои ќе направат злоупотреба на функцијата. За Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е мисловна именка политичката одговоност. Затоа сега кога го гледаме како секој ден најавува нешто и споменува одговорност, нека си ја погледне прво неговата влада, неговите кадри и неговите скандали“.