СДСМ формираше работна група за разговори со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени


 

Централниот одбор на СДСМ вечерва донесе одлука за формирање работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни партии за операционализација на следните конкретни чекори околу уставните измени.

Работната група ќе ја предводи генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ Вардарски 

-ЦО му дава апсолутна поддршка на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и работната група да продолжат со напорите за обезбедување широк консензус за уставните измени, а со тоа и продолжување на европскиот пат на земјата, изјави по седницата на ЦО Богданка Кузеска, портпарол на СДС.

Кузеска информираше дека ЦО оценил  дека е добро што на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е воспоставен дијалог во исклучително важен момент, како и дека го поздравуваат првиот чекор што го направил Мицкоски со прифаќањето на уставните измени. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христиојан Мицкоски пак од Охрид порача дека „СДСМ е развластен,а а ДУИ детронизирана“ и дека од внатре (во Владата) подобро може да се бори со корупцијата. Новинарите беа збунети од неговите контрадикторни изјави во кои прифаќа да биде дел од широка коалиција а тврди дека не прифатил уставни промени.

Кузеска не сакаше да ги коментира овие изјави оценувајќи само дека неговите оградувања се однесуваат на условите што ги поставува , но во СДСМ и официјално ја поздравија неговата подготвеност да ги поддржи уставните измени, без оглед на неговото барање денес Ковачевски – да си поднесе оставка!

– Со криминалците однатре од институциите ќе се бориме многу поуспешно отколку однадвор, а месеци потоа нашата влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата сето тоа што ќе го сработи во оваа преодна влада ќе го изведе пред лицето на правдата, пред судовите. Секој кој што се огрешил ќе одговара и тука нема амнестија додека јас сум претседател на ВМРО – ДПМНЕ. Изборниот процес ќе го имаме под котрола. Нема да е можна пљачка на народната воља, фингирана кампања, украдени гласови на граѓаните, затоа што ние ќе го водиме тој процес. Само на овој начин можеме да обезбедиме национално единство и доверба кај граѓаните, а ДУИ по 20 години да ја пратиме во опозиција и криминалците да одговараат. Тоа е иднината за Македонија и македонските граѓани, рече Мицкоски.

Пред охриѓани изрази уверување дека е можна интеграција во Европската унија и зачувување на националното достоинство, јазик и посебност, спротивно од она што, како што посочи, го кажуваат СДСМ дека интеграција е можна само со уставни измени под бугарски диктат. Дециден е дека без европска интеграција и заштитен идентитет Уставни измени нема да има.

– И затоа на маса ставив две понуди. Првата е формирање на преодна влада на сите партии, без ДУИ во нејзе. Влада под наши услови без криминализираниот дел од сегашната гарнитура кога ќе треба да донесе измени на Уставот со одложено дејство кои ќе стапат на сила со членството на Македонија во ЕУ. Така добиваме гаранција дека Македонија ќе биде на брза патека за Европската унија, и кочничарите на нашата интеграција Бугарија да станат активна заинтересирана стана за побрза европеизација на државата. Втората понуда е избори сега, обезбедување на гаранции од европски институции за заштита на националните и државни интереси како и економски пакет за подобар живот во државата по повеќе основи, па потоа носење на измени на уставот со обврска опозицијата да го поддржува процесот како би се гарантирало националното единство кога е во прашање гарантирање заштитата на државните и национални интереси, истакна Мицкоски.

Забалежа дека еуфоријата во владејачката партија дека ВМРО – ДПМНЕ прифатила уставни измени е лажна и оти ако било вистина веднаш по лидерската средба ќе било ставено на Собраниска седница.