СДСМ: Европска иднина со ЗНАМ? Каква смеурија!


СДСМ повторно тврди дека ВМРО-ДПМНЕ создава нова сателит партија која ќе ја замени ЗНАМ, бидејќи според нив оваа сега ги изгубила и гласачите и членовите.

-Додека ЗНАМ се распаѓа и последните двајца преостанати во партијата се тепат за министерски фотелји, раководството организира караван низ Македонија под слоганот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија”.

Ова е очајнички потег во момент кога Христијан Мицкоски веќе работи на создавање на ЗНАМ 2.0, нов сателит кој ќе му послужи за следните избори за разбивање на гласовите на опозицијата, бидејќи ЗНАМ повеќе не постои ниту во анкетите, ниту во гласови.

Огромниот пад на рејтингот, празниот буџет и фактот дека веќе нема пари ниту за редовна исплата на пензиите, го принудуваат Мицкоски да бара нов начин да го раздели опозицискиот блок, бидејќи и ВМРО ја губи поддршката од граѓаните.

Европска иднина со ЗНАМ? Каква смеурија. Партија која е дел од тендер коалицијата со организираната криминална група ВМРО, која од Македонија направи слепо црево на Балканот, сега зборува за европска иднина. Во исто време кога највисоките функционери на оваа Влада, вклучително и од ЗНАМ, си обезбедија бугарско државјанство и имаат фирми во Бугарија.

Додека караванот минува, тие делат последни тендери и пари за да ја наплатат својата улога на сателит на Мицкоски на последните избори, кога ја издадоа својата партија, а потоа и своите гласачи. Наместо да се соочат со економскиот колапс, наместо да одговорат зошто Буџетот е празен, зошто пензиониот фонд е загрозен и зошто Македонија е целосно изолирана од европскиот пат, тие прават политички театар.

Здружението на Максим Димитриевски и уште неколку квислинзи од СДСМ, ЗНАМ никогаш не беше вистинска политичка сила. Тоа беше инструмент во рацете на Мицкоски. Сега кога тој инструмент се распаѓа, тие се обидуваат да го продолжат неговиот живот преку караван и празни слогани…Новиот проект на Мицкоски – ЗНАМ 2.0 е веќе во создавање, само овој пат граѓаните знаат и не се наивни, порачуваат од СДСМ. 

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ постојано зборува за европски вредности, но кога ќе дојде време да покаже нешто на дело, ги нема никаде.

-Не е проблем ако опозицијата има различно мислење, туку тоа што од СДС цело време зборуваат за тие европски вредности и за реформи, а кога ќе дојде време да гласаат за законските решенија во Собранието не гласаат. Не гласаа за ниту едно законско решение, ниту во 2024, ниту во 2025 година, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив СДСМ избегал и од работната група за Изборниот законик, иако не спроведува никаква партиска агенда, туку има задача да ги имплементира препораките на ОБСЕ и ОДИХР, стандарди кои самата ЕУ ги бара и стандарди за кои од СДСМ велат дека ги сакаат.

-Што точно претставува европскиот пат за СДС? Имаат ли некоја идеја поинаква од онаа што самата ЕУ ја има? Не е важно дали се во опозиција или се на власт, луѓе кои и сакаат добро на државата и на граѓаните би ги поддржале законите кои се во нивен интерес. Тоа е минимумот што треба една опозиција да го направи покрај нејзината конструктивност. СДС не го исполнува ниту тој минимум.

Неделава беа дополнети Предлог-законот за судска служба, Предлог-законот за јавнообвинителска служба и Предлог-законот за користење на енергија од обновливи извори, а усвоени беа Предлог-законот за високи раководители, како и Предлог-законот за оружје.Македонија и годинава ќе биде прва во регионот затоа што повторно ќе ги испорача обврските кои и се зададени и ќе ги донесе законите што се дел од Реформската агенда.

Доколку СДС продолжи со политиката на здружување со ДУИ и од опозиција се обиде преку опструкции да го забавува реформскиот процес, ВМРО-ДПМНЕ нема да се води од дневнополитички пресметки. Наш приоритет останува исполнувањето на реформската агенда и донесувањето на сите неопходни законски решенија во предвидениот рок, порачаа од владеечката партија, која додека беше опозиција ги блокираше сите закони, дури и за енергетската криза.