СДСМ: Дојде власт која ќе се вози во бизнис класа, а народот ќе врзува крај со крај


Фото: Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ од ден во ден потврдува дека ќе води политика која ќе значи минимални плати без раст и понижени работници кои ќе ја губат вербата во државата, е реакцијата на СДСМ откако во Парламентот не беше изгласан нивниот амандман за зголемување на платите согласно колективните договори.

-Политиките кои ги најавува Мицкоски, не само што нема да доведат до раст на платите, туку ќе предизвикаат зголемување на сиромаштијата, зголемување на социјалните разлики и следствено на тоа, огромно разочарување на работниците. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски имаа шанса да ги прифатат амандманите на СДСМ и да покажат дека добрите политики на растот на платите треба да продолжат и дека знаат да го ценат трудот  и се грижат за стандардот на луѓето.Наспроти тоа, тие само покажаа дека ќе водат политики во интерес на мал круг на луѓе. Нивниот економски концепт е заснован на промовирање на евтината работна сила.

Граѓаните знаат дека и во најтешките економски услови, во услови на кризи и економска апокалипса, СДСМ се грижеше секој да живее достоинствено и парите ги насочуваше да им помогне на луѓето полесно да го поминуваат секојдневието. Дојде власт која очигледно верува само во суров капитализам каде тие се возат со бизнис класи, а граѓаните врзуваат крај со крај.

Работниците брзо ќе дојдат по своето и ќе ја препознаат огромната измама наречена економска преродба во ново пакување која ја сервира ВМРО-ДПМНЕ.Од оваа политика единствено ќе се преродат функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и грст луѓе околу нив, додека народот ќе пати.

СДСМ останува на страна на работниците и на политиките кои гарантираат повисоки плати, а не на политиките каде растот на платите е по желба и одлука на малкумина. Овој модел еднаш доживеа тешка катастрофа, а сега ВМРО-ДПМНЕ н го сервира на уште побрутален начин. Ваква Македонија, нема да биде горда. Ќе биде понижена и осиромашена, стои во реакцијата на СКСМ.