СДСМ бара вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата


Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес конференција побара итно да се спроведе вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата и јавно да се објават резултатите од физичките анализи, матност, мирис… како и хемиски анализи за нитрати, нитрити, амонијак, микробиолошки анализи и анализи за хлорирањето. Тој исто така побара и политичка и кривична одговорност за сите коишто учествувале во, како што кажа, прикривање на информациите за труењето во Гостивар , посочувајќи ги притоа Министерот за здравство, директорката на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, Агенција за храна и ветерина и Обвинителството.

„Здравствениот систем во државата очигледно дека е во колапс.Ова што се случи во Гостивар не е само еден изолиран случај. Станува збор за системски знаци би рекол на неефикасност, нефункционирање“, рече Филипче додавајќи дека случајот во Гостивар е само еден од показателите и најдраматичниот доказ за тоа колку системот е оштетен и лошо се менаџира од страна на власта.

„Загадувањето на водата започнало уште на крајот на јуни и внимавајте, никој не реагирал, никој на ништо не укажал, ги оставиле луѓето во Гостивар да пијат загадена вода. Институциите со недели молчеле“, рече Филипче.

Притоа, додаде, уште поскандалозно, не само што молчеле и ја прогласиле водата за питка дека можела да се пие.

„Па има ли крај на ова лудило? Кои се овие луѓе што ја водат државата? Знаат ли што прават?“, рече Филипче.

Тој исто така се осврна и на информациите од болницата од Гостивар дека има хлориди многу повисока количина од предвидените, односно речис двојнио повеќе.

„Зголемена концентрација на хлориди долгорочно кога реагира со органските соединенија во водата формираат многу опасни и канцерогени соединенија, а тоа се трихалометаните“, рече Филипче.

Тој додаде дека истрагата не е отворена врз основа на пријава од Министерство за здравство, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветерина, туку дека Основното јавно обвинителство морало да отвори истрага по допрен глас што според него покажува дека контролните  механизми во државата во овој конкретен случај во рамките на здравствениот систем едноставно не функционираат.

Филипче оцени дека во прашање е доведено здравјето на граѓаните, како и дека обвинителот Савески ја користел тајноста на истрагата како изговор зошто информациите не се соопштувале навреме на јавноста.

„Ова е опасна замена на тези, затоа што квалитетот на водата не се тајна во рамки на истрагата, туку е факт. Јавно здравствено значење има овој факт“, нагласи Филипче.

Тој посочи дека граѓаните мора да го знаат за да се заштитат  а со тоа што обвинителството не го кажувало овој факт и како резултат на овој пристап се отруле над 3,000 луѓе во Гостивар, како и дека додека Обвинителството тактизирало, а сите здравствени институции, авторитети молчеле, епидемијата се ширела во Гостивар. 

„Притоа сите коишто учествувале во прикривање на овие информации мора да сносат и политичка и кривична одговорност. Министерот за здравство, директорката на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, соодветен регионален, агенција за храна и ветерина и обвинителството. Бараме политичка одговорност и оставки од овие луѓе, затоа што си поиграа и си поигруваат со здравјето на граѓаните, со уставното загарантирано право на граѓаните на здравје“, рече Филипче.

Тој на прес конференцијата исто така изнесе и како што оцени „многу загрижувачки податок“, односно документи кои што до СДСМ ги доставиле свиркачи и кој во текот на денот ќе го споделат со јавноста. Станува збор за Извештај за тестирање на безбедноста на водата од примерок земен од болницата за белодробни болести во во Лешок, со датум на завршување на испитувањето 13 мај, кога била земена водата.

„Вкупен број на колифорни бактерии во 100 милитри вода 51. Во болницата во Лешок на крајот на мај и никој не реагирал“, рече Филипче.

Зборувајќи за состојбите во здравството, Филипче рече дека е нарушена основната функција на здравствениот систем, а тоа е да го штити здравјето на граѓаните.

„Очигледно дека како функција е нарушена. Во однос на општите состојби, недостаток на лекови, одлагање на тајминзи временски периоди во коишто се прима соодветна терапија поради недостаток на лекови на повеќе клиники, пациенти коишто со месеци чекаат да стигнат до хируршка интервенција поради тоа што нема капацитет што од кадар, што од инфраструктурен капацитет, поради тоа што огромен број од операционите сали во повеќе клучни јавноздравствени институции не функционираат веќе подолго време. има сериозни информации дека ниту во скоро време нема да профункционираат поради тоа што има сериозни недостатоци во градежните зафати коишто се правени во изминатиот период“ рече Филипче.

Тој укажа и на состојбите со највисоките јавноздравствени установи да раководи несоодветен кадар, како на пример во десетина од универзитетските клиники коишто едуцираат специјализанти, студенти и така натаму не се водени од научен кадар, односно се водени од лекари коишто не се наставници.

Тој посебно се осврна и на состојбите во Фондот на здравствено осигурување кој сега го раководи човек чиешто основно образование, како рече, е тренер.

„И тука не е прашањето на формалната диплома туку е прашање каков е капацитетот да се управува еден од најсложените и најчувствителни системи во државата. Фондот кој располага со милијарди денари, којшто треба да обезбеди стратегија за тоа какви лекови и терапија ќе се купува, какви здравствени  услуги ќе се имплементираат и чиј квалитет треба да се надградува во јавноздравствените институции. Сега тоа го води човек којшто очигледно нема знаење и искуство во областа на јавното здравство ниту пак во економијата на здравството. Поставено е лице без соодветна стручна подготовка“, рече Филипче.