СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе одговорноста за изборните манипулации


Фото: Б. Грданоски
И по признанието на неколкуте високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ дека за време на нивното владеење правеле манипулации на изборите, никој од партијата не излезе во јавноста да преземе дел од одговорноста, да се огради од тие методи  или барем да се извини.  Од СДСМ денес повторно ги повикаа Антонијо Милошоски, за кој патем се води судски процес, Александар Николоски, Игор Јанушев и лидерот Христијан Мицкоски како блиски до Никола Груевски и на високи функции во тоа време, да поднесат оставка од сегашните функции.
 
-Поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ пред суд признаа дека постапувале противзаконски, правеле изборни нерегуларности и незаконски финансирале кампањи. 
Со ова нивно признание се потврдува дека сите изборни процеси организирани од ВМРО-ДПМНЕ се нерегуларни. По ваквите сведоштва,  Христијан Мицкоски како некогашна десна рака на Груевски да поднесе оставка заедно со целото раководство на партијата.
 
ВМРО-ДПМНЕ останува нереформирана партија, Мицкоски е опкружен со блиските луѓе на Груевски како Игор Јанушев, Александар Николоски, Антонијо Милошоски.  Апелираме за ефикасна истрага и завршница на процесите против сите поранешни и актуелни политичари, без разлика дали се на власт или во опозиција. Правдата мора да надвладее, пред законите сите мора да се еднакви, повикаа од СДСМ.