СДСМ бара оставки за Гостивар од Клековски, Андоновска…


Министерот за здравство, Сашо Клековски (Фото: Б. Грданоски)

 

Граѓаните мора да ја знаат целата вистина за Гостивар, да знаат што се случило, зошто труењето не се спречило, каде затаиле институциите, зошто нивното здравје беше загрозено, изјави потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска денеска на прес-конференција. Според неа, потфрлиле сите здравствени институции

„Загадувањето на водата започнало уште на 25 јуни – значи 22 два дена гостиварци пиеле загадена вода а никој не презел ништо. Зошто Центарот за јавно здравје не вршел редовни анализи на водата?

Првите случаи, првите пациени биле забележани на 13 јули, од тогаш по 200 граѓани дневно се пријавувале секој ден. Зошто, кога бројот на пациенти почнал нагло да расте, никој навреме не ја истражил причината“, рече Тренчевска.

Таа додаде само три дена пред да се открие дека гостиварци пиеле контаминрана вода, Центарот за јавно здравје доставил извештај дека водата може да се пие!

„Наместо брза реакција, итна координација, објавување на резулатите од водата и менаџирање – се случи хаос и  целосен институционален колапс. Анализите на водата не се објавуваат, Обвинителството се повикува на ‘тајност на истрагата’, лекарите и граѓаните не знаат со што се соочуваат, се кријат информации кои мора да се знаат.

Квалитетот на водата за пиење, основното човеково право не е доверлива информација, ниту истражна тајна. Тоа е прашање од највисок јавен интерес и секој граѓанин има право навреме да знае дали водата што ја користи е безбедна“, рече Тренчевска.

Цената на тоа молчење беше дополнително ширење на епидемијата и потпретседателката на СДСМ побара да се отврди целиот синџир на одговорност. СДСМ бара политичка одговорност и отни оставки од министерот за здравство, Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, директорот на  Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов и одговорните во локалните центри за јавно здравје.