СДСМ бара обвинителството да истражи како Игор Јанушев добил на подарок градежно земјиште од 325.000 евра


 

Опозицијата се сомнева дека во подарокот за генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев во центарот на Скопје – градежно земјиште во вредност од 325.000 евра – има нешто што е незаконско. СДСМ бара Антикорупциска комисија и обвинителството да ја испита законитоста на оваа зделка.

„Волкот го менува влакното, но не и карактерот. ВМРО-ДПМНЕ беше и остана партија на криминалци кои во политиката се влезени само за да се збогатат на сметка на граѓаните. 

ВМРО-ДПМНЕ е само обична криминална група, која ги злоупотребува чуствата на граѓаните да се докопа до власт, за потоа да може да тера како најдобро што знае, богатејќи се на нивниот грб. 

Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, е еклатантен пример на вечен криминалец во политиката. Човекот кој беше осуден за петмилионски криминал во ЈСП,  денес е прв човек во Владата после Мицкоски.

Граѓаните се во шок и неверување од последната информација која ја споделија медимите, а тоа е дека Јанушев добил на подарок градежно земјиште во скопската општина Центар во вредност до 325.000 евра. Вакво перверзно легализирање на криминално стекнати пари досега не е забележано во македонската политика. Ова е за златен медал“, рече на прес-конференција од СДСМ

Партијата очекува ДКСК и јавното обвинителство итно да го истражат овој „голем подарок кој, ете, така случајно, се паднал баш кај Игор Јанушев“.