СДСМ бара итна оставка на Панче Тошковски по трагедијата во Карпош
„Потфрли Панче Тошковски. Потфрли МВР. Потфрлија центрите за социјална работа. Потфрли целиот институционален систем“.
Вака потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, денеска објаснуваше зошто партијата бара за трагедијата во скопската општина Карпош, која ја потресе целата јавност, оставка да поднесе министерот за внатрешни работи Тошковски.
„Оваа трагедија покажа сериози пропусти на институциите за заштита од семејно насилство, системски неуспех да се заштитат човечки животи. Две години се пријавувало семејно, физичко и психичко насилство. Дури 12 пријави имало за сопругот кој имал и друго обвиненија, пријави, а во последниот случај била пронајдена и дрога. Институциите биле алармирани, било пријавувано, имале сознанија, имало индиции за ризик и со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите.
Формалното постапување, игнорирањето на законските обврски и непостоењето на навремена реакција доведоа до најстрашниот исход – трагична смрт на мајка и дете“, рече Тренчевска и го посочи и трагичниот случај на Росица од Велес.
„Само пред неколку месеци во Велес млада жена беше убиена заедно со нејзиниот татко, иако претходно пријавувала насилство. Институциите повторно не реагирале навреме. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи поради родово базирано и семејно насилство.
СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и темелна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службени лица – во МВР, центрите за социјална работа и во сите институции кои потфрлиле.
Со измените на Кривичниот законик насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност. Дури и кога пријавата е повлечена. И не само кога има телесни повреди, туку и кога со насилството се нарушува здравјето на жртвата.
Затоа Тошковски да не се обидува да ја префрла одговорноста, одговорноста е кај оној што го води системот. Проблемот почнува од врвот“, рече Тренчевска.
ВМРО-ДПМНЕ одговара дека барањата на СДСМ се „срамни и безобразни“. Па ги споменува неколкуте случаи што се во колективното паметење: „Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“.