СДСМ бара деескалација на односите меѓу Бугарија и Македонија


Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска

 

Опозициската СДСМ денеска повика на намалување на тензиите меѓу Македонија и Бугарија затоа што во крајна линија тие можат да бидат на штета на евроинтеграциите на нашата земја.

Портпаролката Богданка Кузеска рече дека „влошувањето на односите со соседите ја става под знак прашање европската перспектива и оди на директно на штета на националните интереси на нашата држава.

Неодамнешниот инцидент за време на посетата на Сиљановска во Бугарија е пред сѐ грешка на протоколот на претседателката. Ова незнаење на нашата дипломатија, кое очигледно Бугарија успешно го искористи, не смее да биде понатаму злоупотребувано од Владите во Скопје и Софија за ескалација на односите.

Уште поопасно е доколку оваа ескалација на односите се прави тенденциозно за да се намали штетата која предизвика скандалот врз рејтингот на владејачката партија. Ако ова е целта, тогаш тоа е погрешно и ја води земјата кон уште поголеми проблеми“.

Кузеска нагласи дека „Бугарија исто така мора да сфати дека нејзината политика кон нас е од клучно значење за зачувување на дијалогот и дека пораките со кои се заоструваат односите не се во интерес на ниедна од страните.

СДСМ апелира да се задржат конструктивните тонови и соработка. Веруваме дека преку дијалог и одговорна политика терба да се градат и продлабочуваат односите. Многу е лесно нешто да се скрши а далеку потешко да се залепи.

Со жалење констатираме дека она што до сега го гледаме во надворешната политика на Владата е само во функција на одалечување на земјата од европскиот пат и враќање назад во време на конфликти. Оваа политика нема да донесе ништо добро. Затоа, повикуваме на разум, одговорност и посветеност кон реформите кои ги започнавме, бидејќи тие се единствениот пат за подобра иднина на нашите граѓани и нашата држава“.