Сатја Грабулоски дизајнираше специјална јакна за Дуа Липа
Светската музичка ѕвезда, Дуа Липа, доби јакна насликана во студиото SWithaDot на нашиот уметник Сатја Грабулоски.
Јакната ѝ беше врачена на Sunny Hill Festival во Приштина, каде што таа пееше, а ѝ ја даде нејзиниот татко, Дуги Липа, долгогодишен пријател и соработник на Грабулоски.

За јакната, Сатја вели:
„Дизајнот е инспириран од омотот на нејзиниот албум Radical Optimism, со зајдисонце, во боите на нејзиниот фестивал Sunny Hill во Приштина.

Јакната е 100% веганска.
Процесот од почеток до крај го водеше Лира Грабул, и на некој начин ова беше моментна почит и соработка помеѓу семејствата Грабул и Липа, бидејќи Дугиб еше вклучен во процесот, а на крај и ѝ ја предаде пред нејзиниот настап“.
Не е првпат Сатја да создава мало парче уметност за Дуа Липа.
Тој ѝ наслика патики за нејзиниот прв спот, додека уште се пробиваше на музичката сцена, но и пред неколку години пејачката доби патики со негов потпис.

Уметникот Сатја Грабулоски е внук на легендарниот скулптор Јордан Грабулоски – Грабул чие славно дело е споменикот Македониум во Крушево .
Грабулоски, кој е од Македонија и живее во Скопје, уште од 2016 година го води „Swithadot Studios“, кое денес брои над 30 уметници ширум светот. Студиото е познато по персонализирани дизајни на патики за врвни имиња како Новак Ѓоковиќ, Кристијано Роналдо, Леброн Џејмс и многу други. Во април, тој и неговиот тим составија и исцртаа веганска јакна со ликот на Брајан Адамс, која канадската поп-ѕвезда ја доби по концертот во Скопје .
Денес, нарачки стигнуваат од секаде од славни личности, нивните агенти, или како дел од промотивни кампањи. Спортските обувки се најбараните, но интерес има и за лежерни модели и облека. Се создаваат дизајни инспирирани од држави, семејства, омилени филмови или храна.
– Сè почнува со идеја од клиентот, колку и да е нејасна. Визуелните концепти ги доразвиваме заедно додека приказната не се долови совршено. На крајот на денот, ние сме раскажувачи на приказни – додава Грабулоски.
За да обезбеди квалитет и долготрајност, македонскиот уметник развил сопствена формула за боја што е издржлива речиси исто колку и фабрички нанесена боја, и ја планира за продажба до крајот на 2025 година.