Сашо Клековски, од директор на Фондот за здравство ќе стане министер
Полека стануваат појасни контурите на реконструираниот кабинет на премиерот Христијан Мицкоски.
Досегашниот директор на Фондот за здравство, Сашо Клековски, веројатно ќе биде новиот министер за здравство на местото на кадарот на Влен, Азир Алиу. Тоа е една од позначајните измени. Втората е дека Игор Филков од ЗНАМ сепак ќе мора да си замине од функцијата и него, според информациите, ќе го наследи универзитетскиот професор Јетон Шасивари. И покрај противењето, ЗНАМ мораше да се задоволи со комплицираниот ресор земјоделие, каде има големо незадоволство од сите страни. Наводно, министер треба да стане државниот секретар во ресорот, Борче Серафимовски.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, би требало да биде нов директор на Фондот за здравство, а на негово место едно скалило подолу да дојде сегашниот вицепремиер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ.
Лидерот на Алтернатива, Беким Сали, најверојатно ќе остане вицепремиер и министер за евроинтеграции. А Ѓоко Велковски, вториот човек во Министерството за социјална политика, ќе стане министер. Сигурно ќе си замине и министерот за култура Зоран Љутков.
Има уште министерски позиции кои треба да се договараат и ротации на ресори. Работите ќе станат појасни вечерва или утре.