Санчез: Проширување на ЕУ со осум нови членки ќе создаде многу предизвици


Шпанскиот премиер Педро Санчез пред почетокот на средбата во шпанскиот град Гранада на шефовите на држави или влади од Европската политичка заедница порача дека проширувањето на ЕУ „ќе создаде многу предизвици внатре“ за Унијата, но дека Шпанија е отворена за тоа. 

 

-Преминувањето од ЕУ со 27 во ЕУ од 35 ќе создаде многу предизвици внатрешно. Во Гранада ќе ја отвориме оваа голема дебата што ќе не одведе до длабока реформа на ЕУ, рече шпанскиот премиер. 

Тој беше горд што токму Шпанија е домаќин на овој собир денес.

– Гранада денеска е главен град на Европа и на мирот. Овој град претставува почит меѓу различните култури и цивилизации. Ова е пораката што ја испраќаме до остатокот од светот – Европа и проект за мир, додаде тој.

Меѓу главните теми на средбата во Гранада, покрај проширувањето, е и помошта за Украина, спорот меѓу Србија и Косово и воениот судир меѓу Азербејџан и Ерменија. Главна тема е сепак блокадата на САД околу помошта на Киев. 

– Сите Европејци го поддржуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговата земја. Подготвени сме да продолжиме со поддршката до крајот на војната. Треба да го промениме буџетот на ЕУ за да ја обезбедиме оваа помош во наредните години, истакна Санчез.

Претходно Зеленски, кој исто така е во Гранада, потврди дека е загрижен за поддршката од  САД за Украина во „тешкиот“ изборен период во таа земја. Тој е загрижен дека политичката реторика на Вашингтон во пресрет на изборите следната година може да ја поткопа американската поддршка за неговата земја.

„Различни гласови. Некои од гласовите се многу чудни. И за ова ќе зборуваме“, рече тој пред состанокот на ЕПЗ.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен доаѓајќи на самитот порача дека е „многу уверена“ дека САД ќе ја задржат поддршката за Украина и покрај републиканските внатрешни борби околу прашањето што фрли сомнеж за понатамошната помош. Таа рече дека „Украина и поддршката за неа е „срцето“ на разговорите денес во Гранада и дека ЕУ ќе ја повтори пораката до Русија дека нема да толерира воена агресија. Таа најави пакет од 15 милијарди евра за Украина до 2027 година, како што оцени, за да таа земја има предвидлива иднина, иако еврофункциопнерот Жосеп Борел рече дека Европа не може да ги замени САД кога е во прашање поддршката на оваа земја. 

 Борел, изрази исто така жалење што Азербејџан и Турција одлучија да не присуствуваат на самитот на европските лидери.

„Срамота е што Азербејџан не е тука и штета е што Турција, која е главната земја што го поддржува Азербејџан, не е тука“, рече Борел, пристигнувајќи на состанокот во Гранада.

„Затоа, нема да можеме да зборуваме овде за нешто толку сериозно како што е фактот дека повеќе од 100.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови набрзина и да бегаат од акт на воена сила“, рече тој.

Речиси сите лидери што дадоа изјави на влегувањето како главна цел посочија на поддршката на Украина и на мирот. Така, премиерот Димитар Ковачевски рече дека “за да имаме мирна Европа, прва потребна работа е да се запре војната во Украина“, холандскиот премиер Руте  уверуваше дека „ЕУ ќе направи се што е потребно за земјата“, додека Шарл Мишел порача дека е “многу важно да се реафирмира поддршката на солидарност со Украина“.

Домаќинот, Санчез, најави дека ќе и понуди на Украина нови системи за противвоздушна одбрана и антидронови за да ја заштити нејзината енергетска и пристаништа инфраструктура.Шпанската армија, исто така, ќе ги обучува украинските војници да ги користат овие информативни системи и ќе им  обезбеди повеќе опрема за деминирање. Единствено претседателката на Косово, Вјоса Османи најави дека ќе бара санкции против Србија од земјите членки на ЕУ порачувајќи дека Приштина нема да се врати на преговори додека не се случи тоа. (Н.В.)