Само во март Русија има 3,5 милијарди долари помалку приходи од нафта и гас

Разликата меѓу очекуваните приходи од нафтата и гасот во Русија во март и оние што всушност се добиени во рускиот буџет е 302 милијарди рубли (3,5 милијарди долари), пренесува Интерфакс повикувајќи се на Министерството за финансии на РФ. Претходно беше планирано во март во федералниот буџет да се влеат 790 милијарди рубљи (9,3 милијарди долари) од нафта и гас.
„Прилагодувањето се должи на отстапувањето на обемот на извозот на гас од предвиденото ниво, како и на пониската динамика на приходите според режимот АИТ и зголемувањето на надоместокот на акцизата за нафтените суровини, вклучително и поради промената на структура на одредени елементи на оданочување“, се вели во извештајот.
Во април Министерството за финансии очекува дека федералниот буџет ќе добие 798,4 милијарди рубли дополнителни приходи од нафта и гас.
По руската инвазија на Украина, САД, Европската унија и земјите што им се приклучија усвоија низа санкции кои, меѓу другото, влијаат на извозот на руска нафта и гас. Така, САД воведоа ембарго за увоз на руска нафта и гас.
Во март, руските власти објавија дека плаќањата за гас со „непријателските земји“, односно оние кои воведоа санкции кон Русија, ќе се вршат со задолжителна конверзија на договорната валута во рубљи преку Газпромбанк. Новата процедура за плаќање е воведена од април. Повеќето земји изјавија дека нема да плаќаат за гас во рубли, бидејќи тоа не е предвидено со договорите.