„Само сакам 11.780 гласа“: Трамп побарал од Џорџија да ја поништи победата на Бајден

Претседателот Доналд Трамп побара од изборниот шеф на Џорџија да ја поништи победата на Џо Бајден во државата, сугерирајќи во телефонски повик функционерот да „најде“ доволно гласови за да му испорача победа на Трамп.
Разговорот во саботата беше последниот чекор во невидениот напор на претседателот да изврши притисок врз државен службеник да го смени резултатот од слободните и фер избори што ги загуби. Обновената интервенција и постојаните и неосновани тврдења за измама од страна на првиот претседател кој го загуби реизборот во речиси 30 години, доаѓаат на две две недели пред Трамп да ја напушти функцијата и два дена пред вториот круг во Џорџија, што ќе ја одреди контролата врз Сенатот.
Трамп преку твит во неделата потврди дека разговарал со државниот секретар на Џорџија, републиканецот Бред Рафенспергер, еден ден претходно.
Аудио фрагменти од разговорот беа објавени онлајн од „Вашингтон пост“. Асошиетед прес подоцна доби снимка од повикот од лице кое било на разговорот.
Претседателот, кој одби да го прифати неговиот пораз од избраниот демократски претседател, во еден момент се слуша како му вели на Рафенспергер: „Сè што сакам да направам е ова. Само сакам да најдам 11.780 гласови, што е еден повеќе отколку што имаме. Затоа што победивме во државата“.
Џорџија ги потврди резултатите од изборите кои покажуваат дека Бајден ја освои државата со 11.779 гласа.
Трамп постојано го напаѓаше Рафенспергер како ги спровел изборите во Џорџија, тврдејќи без докази дека 16-те изборни гласови на државата биле погрешно дадени на Бајден.
„Тој нема поим!“ напиша Трамп на Твитер за Рафенспергер, велејќи дека државниот функционер „не бил подготвен или не можел“ да одговори на прашањата во врска со низа тврдења за ракување со гласачките ливчиња и гласачи кои биле разоткриени или поништени од судиите и изборните органи.
Одговорот на Рафенспергер на Твитер: „Со почит, претседателе Трамп: Ова што го зборувате не е точно. Вистината ќе излезе на виделина“.
Осврнувајќи се на повторените избори во Сенатот во вторникот, кои ќе одлучат за контрола на таа комора, Трамп рече дека Џорџија има „големи избори и поради тоа што му го направивте на претседателот – знаете, луѓето во Џорџија знаат дека ова е измама.
Поради она што му го направивте на претседателот, многу луѓе не излегуваат да гласаат, а многу републиканци ќе гласаат негативно, затоа што го мразат она што му го направивте на претседателот. ДОБРО? Тие го мразат тоа. И тие ќе гласаат. И, ќе бидете почитувани, навистина почитувани, ако ова може да се исправи пред изборите“.
Актуелните републиканци Кели Лофлер и Дејвид Пердју, кои се борат да ги победат демократите Рафаел Варнок и Џон Ософ, застанаа зад Трамп. Но, претставниците на републиканците од Џорџија стравуваат дека неговите напади би можеле да ја потиснат излезноста на неговата сопствена партија, бидејќи демократите, вклучително и поранешниот кандидат за гувернер, Стејси Абрамс, напорно работат за да ја зголемат излезноста на своите избирачи. (АП)