Сакаат ли големите партии да ги збришат независните кандидати?


Досега за кандидирање на независните беа потребни максимум 1.000 потписи како поддршка, а сега ќе бидат потребни 10.000, т.е. десетпати повеќе

 

Aктивистичката коалиција Зелен хуман град , која вклучува 20 граѓански здруженија и активистички групи, а уште толку ја поддржуваат, реагира на најавата за зголемување на прагот на потребни потписи на два отсто од запишаните избирачи за кандидирање на независни листи на претстојните локални избори.

-Ако ваквата измена биде усвоена, тоа ќе значи целосно исклучување на сите независни граѓански иницијативи од политичкиот процес, бидејќи за сите нив ќе биде практично невозможно да ги соберат потребните потписи за настап на избори. Со ова партиите ќе станат единствени политички субјекти со монопол врз политичкиот процес, спротивно на сите демократски стандарди во Европа и во светот. Со оглед на тоа што со ваква манипулација на правилата, донесена зад затворени врати, во тајност и без никаква најава и дебата се прекршува и Уставот – а измената на Изборниот законик на помалку од шест месеци пред одржување на изборите е спротивна на добрите меѓународни практики, како и насоките од ОБСЕ за изборна регулатива – сметаме дека ова е заговор против народот и потенцијален вовед во авторитарен политички систем.

Поради тоа е потребна мобилизација на сите општествени актери за спречување на оваа недемократска измена која е одлика на режимски земји, а не на демократии, стои во реакцијата.

Од Зелен хуман град веќе се обратиле до претседателот Стево Пендаровски со барање да не го потпишува противуставниот закон, како и до меѓународните делегации, организации и дипломатски претставништва во земјава, вклучително Делегацијата на ЕУ и ОБСЕ/ОДИХР.

Од Зелен хуман град посочуваат на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во кои се бара стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати, но  најмногу до еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики. Според сегашните правила од независните кандидати се бара да ја поткрепат кандидатурата со потписи од 100 до 1.000 гласачи, зависно од бројот на гласачи во општината, што е еквивалент на 0.2 до 4.8 проценти од лицата со право на глас што живеат во односната општина. Ова, според ОДИХР, се одразуваше на еднаквоста на можносите на граѓаните да бидат избирани и е спротивно на добрата пракса, но  предложеното ново стандардизирано решение од два отсто од запишаните избирачи е уште подалеку од препораките на оваа организација. Слична препорака од максимум еден отсто потписи од запишаните гласачи за независна кандидатура упати и Венецијанската комисија.

Премиерот Зоран Заев веќе потврди дека е подигнат прагот за кандидирање на независните и дека изнесува два отсто.

„Ако општината има 10.000 избирачи, треба 200 потписи за да се поднесе независна листа. Ако има 50.000 избирачи, треба 1.000 потписи за да се поднесе независна листа“, објасни Заев. Според таа математика испаѓа дека за кандидатура во Скопје ќе бидат потребни минимум 10.000 потписи на граѓани што е десетпати повеќе од досегашната практика.