Сагата за референдумот е приказна за аматеризам и силување на процедурите, вели уставниот експерт Денис Прешова

Прешова е загрижен зошто јавноста е апатична во случаите на силување на правото и им го остава просторот на самодекларирани „правни доктори по општа пракса“


 

Доцентот по уставно право на Правниот факултет во Скопје, Денис Прешова, е меѓу ретките правни експерти кои се огласи и околу иницијативата за референдумот и нејзиното одбивање од страната на претседателот на Собранието. Според Прешова, „иницијативата очигледно страда од сериозни недостатоци поради кои би било нормално да се очекува таа да биде одбиена како неуредна поради ненадлежност на Собранието, врз основа на Уставот и Законот за референдум, а писанието на претседателот на Собранието наречено известување е под секое ниво и е базирано на класично силување на процедурите и правото“.

Тој аргументира зошто иницијативата страда од недостатоци, особено околу образложението за ратификацијата.

„Прво, закон за ратификација не може да се поистоветува со меѓународен договор (што се прави кога се споменува член 118 во ваков контекст – очигледно незнаење), исто како што ратификација на национално ниво не може да се изедначува со ратификација на меѓународно ниво. Престанокот на важност на актот за ратификација не значи и престанување на меѓународните обврски кои произлегуваат од меѓународниот договор или пак важноста на истиот на ниво на меѓународно право. По сѐ изгледа ништо не сме научиле од случајот ‘ОКТА’ и исклучително штетната одлука на Уставниот суд кој ги занемари наведените разлики.

Второ, според Уставот единствено претседателот на Републиката и Владата се овластени да склучуваат меѓународни договори, (воедно и според меѓународното право) да го ратификуваат на меѓународно ниво и од него да истапуваат. Собранието нема никаква надлежност освен во делот на ратификација на национално ниво (друго е прашањето за членство во меѓународни организации и сојуз со други држави). Уште позначајно, реално не постои постапка за ‘дератификација’, особено не кога законот за ратификација влегол во сила, а исто така и меѓународниот договор влегол во сила на меѓународно ниво, што никогаш не се случува во ист момент. Поради посебниот карактер на законот за ратификација тој во голема мера се разликува од останатите закони особено од процедурален аспект и затоа постапка е посебно регулирана. Следствено не постои никаква надлежност или инструмент со кој Собранието може да ја натера Владата или претседателот на Републиката да се повлечат од меѓународен договор кој е влезен во сила. За такво нешто важат исклучиво одредбите на меѓународниот договор, односно меѓународното договорно право“, вели Прешова.

Тој потоа образложува околу постапката на претседателот на Собранието Талат Џафери.

„Трето, како тоа претседателот на Собранието нема право да го толкува Уставот. Секој носител на висока политичка функција може да влезе во такво толкување. Работата е што при евентуален спор околу толкувањето или доколку постојат спротивставени толкувања, Уставниот суд е тој што авторитативно треба да одлучи кое толкување е правно валидно и исправно и на тој начин ќе ја штити уставноста. Друга е ситуацијата во која за претседателот на Собранието очигледно не постојат никакви граници и тој крајно арбитрарно се впушта во толкување кое многу повеќе личи на класично самоволие отколку на било што друго. Одново се докажува дека војничкиот менталитет, на кој Џафери е толку горд и често го истакнува, е тотално неспојлив со демократијата и владеењето на правото.

Четврто, целосно е прекршена процедурата за постапување по граѓанска иницијатива и нема начин како може тоа да се испере или оправда. Исто така, она што е напишано во известувањето не ни личи на образложение и е крајно несериозно и не доликува да излезе од носителот на законодавната власт и највисокото претставничко тело во државата. Воедно, целата приказна околу известувањето станува уште попроблематична доколку се сфати дека намерно е направено со цел да се оневозможи какво било правно оспорување, што би било возможно во случај Собранието да донесеше заклучок. Впрочем, истата оваа тактика Џафери ја искористи и околу наводната неможност Собранието да се свика при прогласена вонредна состојба поради тоа што претходно се самораспоштило поради одржување на предвремени парламентарни избори“.

На крајот, доцентот Прешова е зачуден од апатичноста и нереактивноста на јавноста за вакви сензитивни ситуации.

„Петто, подеднакво загрижувачка е апатичноста и несензибилизраноста на јавноста, односно граѓаните, за овие и слични постапки и случувања, кои веќе се проследуваат како уште една од долгата низа силувања на правото на која веќе се навикнати. Ваквата отрпнатост и отсуство на соодветна критична маса всушност остава широк простор за некои шарлатни, его-манијаци и самодекларирани ‘правни доктори по општа пракса’ да стекнуваат популарност и лажен авторитет“.