Саем на книгата: Ново издание на „Бајки од Македонија за цела година“


Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс ламина“ го промовираа новото издание „Бајки од Македонија за цела година“.

Горди сме што и годинава нашата мисија – поддршка на креативноста во чест на големиот креативец Иво Лауренчиќ, но и човек кој неизмерно ги поддржуваше младите е исполнета со ново вредно дело. Создавање на нови вредности базирани на традиција и народно творештво е навистина од огромно значење за целото општество. Истовремено, многу сме среќни што успеавме традиционалното народно творештво да го прикажеме на еден современ начин кој одлично комуницира со денешните љубители на убавиот пишан збор“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.

Новото издание е составенo од 52 бајки од македонското народно творештво, односно по една бајка за секоја недела во годината. Бајките се избор од собраните народни приказни од Марко Цепенков, Стефан Верковиќ и Танас Вражиновски. Креативниот концепт и илустрацииите се изработени од илустраторката Катерина Николовска, која работеше и на креативните решенија на претходните изданија на „Бајки од Македонија“, а адаптацијата на приказните е на Билјана Црвенковска. Промоцијата се оддржа на Саемот на книгата, на штандот на „Арс ламина“.

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ.

Ова е четврти заеднички проект на Арс Ламина и Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.

Во рамките на заедничката соработка, досега се издадени неколку изданија: „Бајки од Македонија“, „Басни од Македонија“ и авторската бајка за деца „Мистериозното јајце“ на авторот Оливер Коларевски, кој го напиша текстот и целосно ги изработи илустрациите. Едицијата „Бајки од Македонија“ досега е преведена на неколку светски јазици, а објавено е и издание со Брајово писмо.