САД планираат нов удар врз Русија, Стуб: „Трамп станува сè понетрпелив со Путин“


Американскиот претседател Доналд Трамп станува сè понетрпелив со Русија додека се обидува да преговара за прекин на огнот во војната во Украина, изјави финскиот претседател Александар Стуб.

Коментарите на Стуб доаѓаат по разговорот со Трамп на 17 мај и одделен разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ако се собере, може да се каже дека Зеленски е трпелив, а претседателот Трамп станува сè понетрпелив, но во вистинската насока – со Русија“, им рече Стуб на новинарите на маргините на конференцијата за одбрана „Ленарт Мери“ во Талин, Естонија.

Напредокот кон прекин на огнот се движи „бавно, но сигурно“ во подобра насока за Украина, рече тој.

Коментарите на финскиот лидер доаѓаат пред телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин, по што американскиот претседател рече дека планира да разговара со Зеленски и „различни членки на НАТО“.

Трамп рече дека се надева оти разговорите ќе резултираат со договор за прекин на огнот.

Стуб, исто така, рече дека постои можност, во зависност од тоа како ќе се одвива телефонскиот разговор, американските сенатори Линдзи Греам и Ричард Блументал да достават пакет санкции до Конгресот оваа недела за да ги направат финансиите на Русија неодржливи.

Тој би можел да воведе царини од 500 проценти за земјите што продолжуваат да купуваат руска енергија.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, во саботата изјави дека Белата куќа очекува да дознае дали Русија се обидува да преговара за да „купи време“ и наговести дека, доколку е така, може да се воведат дополнителни санкции врз Москва.

Исходот од телефонскиот разговор ќе одреди дали пакетот санкции, изготвен од Греам и Блументал, ќе биде презентиран пред Конгресот, рече Стуб.