САД одобрија лек на Астра Зенека против Ковид-19, коктел антитела што спречува инфекција

Американската агенција за храна и лекови (ФДА) го одобри лекот на Астра Зенека против Ковид 19, Евушелд.
Станува збор за коктел од антитела што ја спречува инфекцијата на лицата со ослабен имунитет и оние кои имале силни несакани ефекти од вакцинацијата.
Лекот е одобрен само за возрасни и адолесценти кои досега не биле заразени, ниту пак биле во контакт со заразените.
Вакцината на Астра Зенека сè уште не е одобрена во САД.
Како што пренесува Гласот на Америка, истражувањата покажале дека лекот „Евушелд“ ја спречува инфекцијата со Ковид и манифестирањето на симптомите во 77 отсто од случаите.
Предвидено е лекот да се дава во две инјекции, а заштитата трае од седум месеци до една година.
Иако вакцините се најефикасна заштита од Ковид-19, на луѓето со ослабен имунитет и на оние кои лошо реагирале на вакцините им треба алтернатива, рече една од директорките на ФДА, Патриша Кавазони.
Сепак, ФДА додаде дека лекот на Астра Зенека не е замена за вакцинирање на луѓе кои се препорачани за вакцината.
Коктел со антитела може да спречи, во раните фази, развој на тешка клиничка слика на Ковид.
Слични лекови веќе произведуваат Eli Lily, Regeneron и GlaxoSmithKline.