САД: Нови 1,3 милиони невработени побарале помош
Според американскиот државен секретаријат за труд, нови 1,3 милиони отпуштени работници побарале помош за невработени минатата недела. Тоа е последниот показател дека работодавачите се уште се соочуваат со тешка деловна состојба додека се уште не престанува и бројот на нови случаи на заразени со Ковид-19.
Споредено со рекордните 6,9 милиони барања во текот на една недела во март, бројот на побарувања за помош за невработени опаѓа веќе 16-та недела по ред.
Сепак, четиринеделниот просек од повеќе од 1,4 милиони барања е се уште многу голем, затоа што пред пандемијата, рекордниот неделен број на апликации за помош на невработени бил околу 695 илјади, и тоа во 1982 година.
Владата соопшти дека околу 18 милиони работници се уште се невработени, иако милиони луѓе се вратиле на работа. Во еден момент во последните месеци, вкупно 49,7 милиони работници добија помош за невработени.